Аргентинската полиција уапси двајца чилеански државјани осомничени дека биле дел од организирана криминална група што стои зад серија кражби во домовите на познатите спортисти во САД и во Аргентина. Апсењето било извршено на автобуска станица во Буенос Аирес, а двајцата остануваат во притвор додека се чека постапката за нивна екстрадиција во САД.
Според истрагата, групата со месеци ги следела движењето и навиките на оние што ѝ биле цел, користејќи ги јавно достапните информации и социјалните мрежи. На списокот на оштетени се некои од најголемите спортски имиња, меѓу кои НФЛ- ѕвездите Патрик Махоумс и Тревис Келце, како и поранешниот аргентински тенисер Хуан Мартин дел Потро.
Меѓу жртвите се и НБА-кошаркарите Лука Дончиќ и Мајк Конли. Од домот на Дончиќ, според американските медиуми, бил украден накит во вредност од околу 30.000 долари.
ФБИ претходно предупреди дека организирани криминални групи од Јужна Америка користат напредна технологија за да ги заобиколат алармните системи и безбедносните камери. Освен накит и пари, од домовите на спортистите биле украдени и вредни трофеи и медали.
Во февруари оваа година, седуммина чилеански државјани веќе беа обвинети пред федерален суд во Флорида за слични дела. Американските власти продолжуваат со истрагата, а не се исклучува можноста да има и ново апсење во овој случај.











