петок, јули 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пациентите против нова комисија во кардиохирургија: „За живот не смее да се...

Пациентите против нова комисија во кардиохирургија: „За живот не смее да се чека потпис“

160

Најавата на министерот за здравство Азир Алиу за формирање национална листа за кардиолошки операции и стручен тим што ќе ги разгледува сложените случаи, наиде на остра реакција од кардиоваскуларните пациенти. Од здружението предупредуваат дека здравството не смее повторно да се врати во периодот кога за операција се чекало одлука од комисија, а пациентите биле оставени во неизвесност.

Реакцијата следува неколку дена откако Алиу најави ревизија на протоколите за лекување и формирање Национален тим составен од девет членови – шест од јавните и тројца од приватните здравствени установи.

„Нашата цел е овој процес да заврши со нови системски правила и нови механизми за контрола за поголема сигурност на пациентите. Отпочнуваме со процесот на ревидирање на протоколите за постапување со пациентите. Ќе формираме Национален тим составен од девет членови од кои шест членови ќе бидат од јавни здравствени установи, а тројца од приватните. Тимот ќе се состанува на редовна основа и ќе ги разгледува сложени и гранични случаи на пациенти, односно кога е потребна дополнителна стручна проценка за нив“, изјави Алиу.

Министерот тогаш најави и национална листа за кардиолошки операции, која според него треба да овозможи подобра контрола и увид во интервенциите.

„Ќе формираме и национална листа за кардиолошки операции. Целта на оваа листа е да имаме појасен увид во интервенциите, нивната оправданост, редоследот на упатувањето и установите во кои ќе се упатуваат. Итните случаи и натаму ќе бидат приоритет“, рече министерот.

Но, здружението на кардиоваскуларни пациенти смета дека најавениот модел враќање на старата бирократија и носи ризик од одложување на интервенциите.

„Како кардиоваскуларни пациенти и директно засегнати од квалитетот, достапноста и навременоста на кардиоваскуларните услуги во државата, јавно предупредуваме дека последните најави за формирање комисија или стручно тело кое ќе одредува кој, каде и кога ќе се оперира, претставуваат сериозен чекор назад во заштитата на правата на пациентите“, велат од здружението.

Според нив, контролата и стручниот надзор се неопходни, но не и модел во кој одлуката за операција ќе ја носи комисија наместо лекарот и пациентот.

„Контролата, стручниот надзор и транспарентноста се потребни и мора да постојат. Но тие не смеат да се претворат во комисија која ќе ја преземе одлуката од пациентот, семејството и лекарот што го води третманот. Решението за евентуални злоупотреби не е нова бариера пред болниот човек, туку јасни критериуми, одговорност, ревизија на конкретни случаи и почитување на стручните стандарди“, се наведува во реакцијата.

Пациентите предупредуваат дека во кардиоваскуларната медицина времето е клучно и секое одложување може да има сериозни последици.

„Најавата за формирање комисија која ќе одредува кому му е потребна операција, а кому не, каде ќе се оперира и кога ќе дојде на ред, е опасна по здравјето и елементарните права на пациентите. Во кардиоваскуларната медицина времето често значи живот. Секое непотребно чекање, секое дополнително одобрување и секоја административна пречка може да има непоправливи последици“, предупредуваат од здружението.

Во реакцијата потсетуваат и на искуствата од минатото, кога, како што велат, слична комисија постоела и оставила лоши последици.

„Слична комисија постоеше пред дваесетина години и беше извор на субјективни, нетранспарентни и коруптивни одлуки од личен интерес. Наместо да го заштити пациентот, таа го ставаше неговото здравје под ризик. Многу пациенти не ја дочекаа потребната согласност за операција, а одложувањето честопати имаше фатален исход“, велат пациентите.

Од здружението бараат Министерството наместо нови комисии да воспостави транспарентен систем на контрола и отчетност, без ограничување на правото на избор на пациентите и лекарите. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ