Семејното насилство останува сериозен општествен проблем во Гевгелија, а најновите податоци на Центарот за социјална работа покажуваат загрижувачки размери на оваа појава. Во првите девет месеци од 2026 година биле евидентирани вкупно 102 пријави и поплаки, што повторно го отвора прашањето за институционалната заштита, превенцијата и недостигот од безбедно сместување за лицата кои се соочуваат со насилство во семејството.
Од вкупниот број пријави, 74 биле доставени од Министерството за внатрешни работи, додека 28 граѓани директно побарале помош во Центарот за социјална работа. По постапувањето на стручните служби, било утврдено дека во 45 случаи станува збор за сериозно нарушени семејни и партнерски односи, исполнети со конфликти и проблеми во комуникацијата, но без утврдени елементи на физичко насилство. Во преостанатите 57 случаи биле констатирани различни форми на семејно насилство, вклучително физичко, психичко и економско малтретирање.
Особено загрижува податокот дека меѓу евидентираните пријавители и жртви доминираат жените. Од 102 случаи, 86 се жени, меѓу кои и една странска државјанка, додека во 16 случаи како пријавители се појавуваат полнолетни мажи. Дополнително, регистрирани се и осум малолетни деца кои директно биле изложени на насилство.
– Во сите случаи, стручниот тим спроведе теренски увиди, советодавни разговори и процена на ризикот, со цел соодветно постапување и обезбедување заштита на лицата кои се соочуваат со насилство – информира директорката на Центарот за социјална работа во Гевгелија, Кристина Бичанин.
Според податоците, проблемот не е од понов датум. Во 2021 година биле евидентирани 78 поплаки, при што меѓу сторителите биле регистрирани 72 мажи и две жени. Зголемениот број на пријави ја нагласува потребата од поефикасни механизми за навремено препознавање и спречување на насилството.
Во насока на заштита на жртвите, Центарот во текот на оваа година повел 26 постапки пред Основниот суд во Гевгелија за изрекување привремени мерки. Судот ги прифатил барањата и донел решенија со кои се предвидуваат забрани за приближување и контактирање со жртвите, како и задолжително вклучување во советувалишта или лекување.
Но, покрај правната заштита, останува еден суштински проблем: Гевгелија нема сопствено засолниште за жртвите на семејно насилство. Кога стручните лица ќе проценат дека постои сериозен безбедносен ризик, лицата кои мора да ја напуштат насилната средина се упатуваат во шелтер-центри во Струмица или во Скопје. За многу жени, особено за оние што имаат деца, заминувањето во друга општина претставува дополнителен товар. Напуштањето на домот, родното место, работата и познатата средина често создава страв и неизвесност, па дел од жртвите тешко се одлучуваат на таков чекор.
Од Центарот за социјална работа укажуваат дека е неопходна финансиска и просторна поддршка од Општината за отворање специјализирано советувалиште за брак и семејство, но и за воспоставување услови за привремено згрижување на жртвите.
Потребата е особено изразена ако се земе предвид дека, според стандардите на Истанбулската конвенција, треба да има по еден шелтер-центар на 50.000 жители. Во Југоисточниот Регион, со околу 170.000 жители, функционира само еден ваков центар, во Струмица, основан како иницијатива на граѓанско здружение.
Од Општина Гевгелија посочуваат дека локалната самоуправа се соочува со ограничени просторни и кадровски капацитети, а развојот на нови социјални услуги го планира преку аплицирање на повиците од надлежното министерство. Во Социјалниот план на Општината биле предвидени активности за развој на нови услуги до 2026 година.
Како една од постојните мерки, од 2024 година се доделува еднократна парична помош за жените жртви на семејно насилство преку општинската програма за социјална заштита. Сепак, финансиската помош и судските мерки не можат целосно да го заменат безбедното место каде што жртвите ќе можат да заминат веднаш штом нивниот живот или здравје ќе бидат загрозени.
Дополнителен предизвик е и непријавувањето на насилството. Економската зависност, стравот од сторителот, грижата за децата, срамот и недовербата во институциите се причини поради кои многумина продолжуваат да живеат во опасна средина без да побараат помош.
Затоа, отворањето локално советувалиште и засолниште не треба да се третира како дополнителна социјална услуга, туку како неопходен механизам за заштита на човечки животи. Зад секоја од 102 пријави стои конкретна човечка приказна, а за жртвите на насилство безбедноста не смее да зависи од тоа колку далеку треба да заминат за да ја пронајдат.
(Љ. А.)












