Трубарево доби нова детска градинка „Кокиче“, која денеска беше пуштена во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Како што нагласи Стефковски, новата детска градинка „Кокиче“ е капитален проект кој повеќе децении е желба и потреба на жителите од ова населено место.
Објектот е со површина од 720 квадратни метри, со пространи и функционални занимални, административни простории, современа кујна и сите неопходни услови за безбеден, квалитетен и среќен престој на најмладите.
– Во оваа градинка ќе бидат згрижени повеќе од 60 дечиња, кои тука ќе ги направат своите први чекори во образованието, ќе создадат нови другарства и ќе растат во безбедна и современа средина – истакна Стефковски.
Вредноста на инвестицијата е 47.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Гази Баба, додека опремувањето на градинката е реализирано со средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
– Овој проект е уште еден доказ дека кога институциите работат заедно, резултатите ги чувствуваат граѓаните.
Освен оваа градинка, истовремено на територијата на Општина Гази Баба се градат градинки и во Инџиково и помеѓу Маџари и Ќерамидница. Во тек е и постапката за избор на економски оператор за изградба на нова детска градинка во Сингелиќ.
| Мицкоски истакна дека на ваков начин ќе се подобри квалитетот на живот на многумина, но најмногу на најмладите, на дечињата.
– Впрочем, намената на ваквите објекти е токму за нив, да почнат да другаруваат уште од најрани години, да стекнуваат знаења, пријателства, да се формираат како личности. Првите 6-7 години во животот се секогаш најзначајни, и тие не следат до крајот на животот – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека кога ги имаат на располагање ваквите објекти, родителите ќе знаат дека нивните дечиња се во сигурни раце кај воспитувачите и на тој начин ќе можат да се посветат на реализирање на своите професионални обврски и реализирање професионално како личности. (А. П.) |












