Државата, покрај тоа што треба да располага со стратешки резерви на нафта и нафтени деривати, мора да обезбеди и сигурни резерви на храна. Во услови на економски кризи, природни непогоди, воени конфликти или нарушување на светските пазари, домашното производство и стоковните резерви претставуваат клучен фактор за безбедноста и стабилноста на државата. Поради тоа, неопходно е да се изградат и стават во функција повеќе откупно-дистрибутивни центри во државата. Овие центри нема да служат само за организиран откуп на земјоделските производи туку и за нивно складирање, преработка и дистрибуција. Во нив ќе се создаваат стратешки резерви од пченица, пченка, јачмен, ориз, сончоглед, мешунки и од други производи што може да се чуваат подолг временски период без да го загубат својот квалитет.
Ваквиот систем ќе донесе повеќекратни придобивки. Од една страна, државата ќе обезбеди доволни стратешки резерви на храна за потребите на населението во услови на кризни состојби, а, од друга страна, ќе создаде стабилен, предвидлив и фер пазар за домашните земјоделски производители.
– Сегашниот систем на откуп е крајно неповолен и понижувачки за земјоделците. Производите се откупуваат по многу ниски цени, а потоа се препродаваат по значително повисоки цени. Земјоделците мора однапред да знаат по која цена ќе го продаваат својот род, уште пред почетокот на жетвата, за да можат да ги планираат производството, инвестициите и трошоците – изјави за весникот ВЕЧЕР земјоделскиот експерт и универзитетски професор, Илија Каров.
Според Каров, ниту една влада досега не понудила трајно и системско решение за еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјоделците: нестабилните и ниски откупни цени. Иако со години се најавува изградба на нови откупно-дистрибутивни центри низ Македонија, тие сè уште не се реализирани.
– Порано пченицата се откупуваше по 18 денари за килограм, а денес за само 10 денари. Слична е состојбата и со другите земјоделски производи. Производствените трошоци постојано растат: поскапуваат горивото, семенскиот материјал, ѓубривата и заштитните средства, додека откупните цени наместо да се зголемуваат, постојано се намалуваат. Во такви услови, земјоделците работат со минимална заработка или дури и со загуби – истакнува Каров.
Тој нагласува дека секоја држава мора да располага со стратешки резерви на храна, исто како што има резерви на нафта и нафтени деривати. Преку организиран државен откуп на пазарните вишоци од пченица, пченка, јачмен и други стратешки земјоделски производи, ќе се создадат сигурни резерви, ќе се стабилизира пазарот и ќе се обезбеди реална и одржлива откупна цена. На тој начин ќе се намали просторот за манипулации од страна на посредниците, ќе се заштитат домашните производители и ќе се зајакне прехранбената сигурност на државата.
Земјоделците сметаат дека откупно-дистрибутивните центри се повеќе од неопходни, бидејќи, преку нив, ќе се откупуваат земјоделските производи по однапред договорена и гарантирана цена. Со тоа, производителите ќе може навреме да ги планираат своите приходи, да инвестираат во производството и да бидат заштитени од ненадејни ценовни шокови и пазарни манипулации.
Истовремено, ќе се спречат долгогодишните злоупотреби од страна на дел од приватните откупувачи и трговци, кои во текот на откупната сезона, и покрај претходно договорените услови, ја намалуваат откупната цена, користејќи ја зависноста на земјоделците од брзата продажба на нивните производи.
– Овие центри се од исклучителна важност за земјоделците. Преку нив ќе се утврдува гарантирана откупна цена, со што производителите ќе добијат сигурност дека нивниот труд ќе биде соодветно вреднуван. Ваквите центри требаше одамна да бидат изградени, но и покрај бројните ветувања, сè уште нема ниту еден. Тие треба да го заменат сегашниот систем на приватни откупувачи, кои со години остваруваат големи профити на грбот на земјоделците, а неретко ја намалуваат и претходно договорената откупна цена во текот на откупот – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.
Од Владата велат дека во изминатите две години се преземени конкретни чекори за воспоставување современа мрежа на откупно-дистрибутивни центри. Во тек е изградбата на логистичко-дистрибутивен центар во Скопје, чија реализација се очекува да заврши до крајот на 2027 година. Паралелно, во Струмица се подготвува проект за центар за сортирање, пакување и складирање земјоделски производи, кој треба да придонесе за подобра организација на откупот и на пласманот на домашното производство.
Сметаат дека овие центри ќе овозможат подобри услови за складирање, зачувување на квалитетот и за поефикасна дистрибуција на земјоделските производи, како и намалување на загубите по жетвата. Истовремено, тие треба да го подобрат пазарниот синџир, да ја зголемат конкурентноста на домашното земјоделство и да обезбедат подобри услови за пласман на производите на домашниот пазар и на странските пазари.
Земјоделците, пак, очекуваат ваквите центри да добијат и откупна функција, односно да обезбедат организиран и сигурен откуп по однапред утврдени и фер цени. Според нив, само така ќе се намали зависноста од приватните откупувачи, ќе се спречат ценовните манипулации и ќе се создаде постабилен и поправеден пазар за домашните производители.
(А. С.)












