Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, кој годинава го слави својот 40-годишен јубилеј, на 28 јули во 21 часот во црквата „Св. Софија“, ќе одржи концерт под диригентската палка на Иван Еминовиќ.
Основан е како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска и Иван Еминовиќ.
Како признание за постигнатите резултати, во 1995 година оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Досега има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.
Веќе 40 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.












