Во културниот и едукативен центар „Лабораториум“, вечерва, 13 ноември, во 20 часот, ќе биде изведена независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ.
Претставата е првично поставена и редовно се игра во КИЦ Офицерски Дом во Битола. Ова, пак, е нејзиното прво гостување во главниот град.
Улогите во претставата ги толкуваат Викторија Степановска-Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба.
Она што оваа продукција најдобро го разбира е дека Стриндберг не пишува за љубов. Тој пишува за моќ што се преправа дека е љубов. И затоа, секој поглед овде тежи повеќе од монолог. Дури и чашите на масата изгледаат како дел од некој прецизно дизајниран механизам за психолошко уништување. Претставата има речиси скандинавска студеност’’.
Ова е втор текст на Стриндберг на сцената на Лабораториум оваа година, по премиерата на „Татко“ во режија на Нина Николиќ минатиот месец и која е на редовниот репертоар на центарот.












