Во Чифте амам, во Скопје на 16 ноември, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Уметноста на оддалеченоста“ (The Art of Distance) на академската сликарка Дита Старова-Ќерими.

Изложбата претставува нов циклус од 20 сликарски дела, во кои авторката го истражува односот меѓу човечката блискост и оддалеченоста, присуството и отсуството, сеќавањето и трајноста на емоционалните врски. Во основата на концептот е размислувањето дека физичката оддалеченост не мора да значи и раздвојување, туку може да открие поинакви облици на човечка поврзаност.

Преку експресивен колорит, динамични композиции, монументални цветни форми и суптилно присутни човечки фигури, Старова-Ќерими развива препознатлив ликовен јазик во кој природата и човекот воспоставуваат сложен визуелен и емотивен дијалог. Цветните форми во овие дела ја надминуваат својата декоративна и природна препознатливост, станувајќи симболи на животната сила, преобразбата, кревкоста и обновувањето. Човечката фигура, неретко сведена на едвај забележлива силуета, се појавува како тивко присуство во просторот на интензивната боја и експресивниот сликарски гест.

„Моето сликарство се развива од потребата да го истражувам тој простор меѓу присуството и отсуството, блискоста и оддалеченоста, човекот и природата“, истакнува Старова Ќерими во својот авторски текст за изложбата.

Кураторот на изложбата, Горанчо Ѓорѓиевски, пак, во својот текст „Самомечтаење“ ги определува делата како „интимно-имагинарен дневник“, нагласувајќи ја нивната изразена емоционална и духовна димензија. Особено внимание посветува на колоритот како носител на сликарскиот израз, истакнувајќи дека „Бојата е заробена енергија“. Според неговото толкување, сликарството на Старова-Ќерими ги надминува строгите граници меѓу апстрактното и фигуративното, претставувајќи визуелен израз на внатрешните состојби, творечката енергија и човековата потрага по сопствената суштина.

Изложбата има и посебна професионална димензија за авторката. Таа во 2012 се претстави со самостојна изложба во Чифте амам, а во периодот од 2015 до 2024 година ја предводеше Националната галерија. Нејзиното повторно претставување во овој простор означува средба меѓу институционалното искуство и континуитетот на сопственото уметничко создавање.

Дита Старова Ќерими е академска сликарка, доктор на науки и универзитетска професорка на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Нејзиниот повеќедецениски професионален ангажман ги обединува авторското творештво, академското образование, научното истражување и институционалниот развој на културата. Со „The Art of Distance“, Старова-Ќерими отвора простор за размислување за невидливите врски што го обликуваат човековото постоење, но и за животната сила, надежта и можноста за постојано обновување.

ИЗДВОЕНИ