Наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години, што лани ја востанови Драмскиот театар Скопје, оваа година повторно не се додели, веќе втор пат, односно откако се распишува конкурсот, таа воопшто не е доделена.
На денешната прес-конференција одржана во Драмски по повод донесувањето на Одлуката на комисијата за конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ објавен на 25.7.2025 година, беше соопштено дека биле доставени три драмски текста од тројца автори. По анализата на доставените дела, комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на Комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), едногласно одлучила наградата да не се додели.
„Комисијата аналитично ги разгледа драмските дела, кои се доставени во рок и ги исполнуваат условите согласно со објавениот конкурс. Комисијата потврди дека доставените текстови се испишани во драмска форма, во различен жанр и стил. Обработуваат теми инспирирани од лични и општествени состојби. Доставените дела немаат целосно изградена и развиена драмска структура. Карактерите во делата се еднодимензионални и повеќе се функции одошто карактери кои го градат драмското дејство. Дијалозите се непотребно реторични, информативни или банални. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали имаат потенцијал, но развиени се до ниво на драмски скици/зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови“, се вели во образложението на одлуката прочитана од претседателката на Комисијата Рангелова-Петровска, драматург во Драмски.

Според комисијата, одлуката да не се додели наградата и оваа година може да се толкува како дестимулативен потег, но и покрај тоа, членовите принципиелно стојат на ставот дека единствениот критериум за доделување е и мора да биде квалитетот на драмскиот текст.
– Малиот број доставени драмски дела е уште еден критичен показател. Поради тоа, Комисијата достави предлог до Управата на Драмски театар Скопје да разгледа три можни измени во Правилникот за наградата „Горан Стефановски“ и тоа: да се зголеми возрасната граница, наполно да се отстрани ограничувањето на возраста и да се размисли за награда „Горан Стефановски“ за развој на драмски текст и негова сценска реализација, се посочува во образложението.
Директорот на театарот, Роберт Вељановски, истакна, пак, дека и покрај недоделувањето на наградата и во втората година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази заложба дека со големо внимание ќе биде разгледан предлогот на Комисијата за можноста за промена на критериумите во Правилникот за Конкурсот за драмски текст за наградата „Горан Стефановски“. Тој се надева дека наредните објавени конкурси со евентуалните измени ќе бидат исто така со критериум достоен на делото на Горан Стефановски, а од друга страна, доволен мотив за авторите и нивните текстови да бидат дел од современата македонска драма со цел да се збогатува македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.












