По повод Денот на планетата Земја, ИФФК „Браќа Манаки“, како дел од јадранската мрежа на фестивали, се приклучува кон иницијативата за подигнување на еколошката свест преку седмата уметност. Во рамките на програмата „Екоскоп“, македонската и регионалната публика ќе имаат единствена можност до 29 април бесплатно да го проследат украинскиот документарен филм „Дивија“ на Дмитро Хрешко, автор од Украина. Оваа моќна визуелна сторија, достапна онлајн, е повик за размислување за одржливоста и влијанието на човекот врз природата, потврдувајќи ја посветеноста на фестивалот кон значајни општествени и еколошки теми.
Проекцијата се одржува како дел од програмата „Екоскоп“, иницијатива на фестивалите обединети во фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион: Филмскиот фестивал во Сараево, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Фестивалот на авторски филмови, Филмскиот фестивал во Загреб и ИФФК „Браќа Манаки“.
Оваа година, четврти пат по ред, мрежата на фестивали, за Денот на планетата Земја, прикажува документарни филмови за животната средина, бесплатно за публиката во целиот регион.
Филмот „Дивија“ ја прикажува трансформацијата на Украина – од мирна природна убавина до уништувањето предизвикано од војната. Со доаѓањето на пролетта, животот постепено се враќа, но обемот на уништувањето укажува дека е неизвесно брзото еколошко закрепнување. Филмот беше во конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“ на минатогодишниот 31. Филмски фестивал во Сараево и беше прикажан во натпреварувачката програма – документарен филм.
„Дивија“ е поетски документарец што го истражува двојното уништување од војната: човечкото и еколошкото. Преку слики од изгорени шуми, уништени полиња и поплавени градови, филмот ги прикажува пејзажите трансформирани од насилството, но и тивката отпорност на природата и на луѓето. Преку перспективата на деминерите, екологистите и тимовите за реставрација, тој го открива бавниот, болен, но решителен процес на закрепнување на кревките екосистеми. Филмот ќе биде достапен онлајн до 29 април, преку линкот ondemand.kinomeetingpoint.ba. Проектот беше кофинансиран преку потпрограмата МЕДИА на „Креативна Европа“.












