
Репрезентацијата на Шпанија се пласираше во четврт-финалето на Светското првенство откако ја победи Португалија со 1:0, во Далас. Херој на победата беше Микел Мерино, кој постигна гол во првата минута од судиското продолжение, со што му обезбеди драматичен пласман на својот тим. Ова беше последниот натпревар на Кристијано Роналдо (41) на едно Светско првенство. По елиминацијата, легендарниот напаѓач не можеше да ги задржи солзите и плачеше на теренот.
Капитенот на португалската репрезентација потврди дека ова е негов последен настап на едно Светско првенство, но ја остави отворена можноста да продолжи да игра за репрезентацијата. Во разговор со новинарите во микс-зоната, тој се осврна на натпреварот, го пофали својот сега веќе поранешен тренер, Роберто Мартинес, и рече дека си заминува со чиста совест, пишува „Рекорд“.
– Секогаш е тажно да се биде елиминиран од големо натпреварување. Одигравме добар натпревар, според мене. Резултатот можеше да биде во двата правци, но тоа е фудбалот. Шпанија имаше малку среќа да постигне гол во финишот. Сепак, мислам дека беше играта многу добра. Бевме елиминирани од еден од тимовите што ќе стигнат до финалето или многу блиску. Дадовме сè од нас, а кога е случај тоа, нема за што да се жалиме. Тажен сум што сум елиминиран од СП на овој начин, но како што реков вчера, дадов сè од мене и си заминувам со чиста совест. Имаше емоции, но и олеснување од таа чиста совест затоа што ништо не може да му се замери некому што дава сè од себе – изјави Роналдо.
Тој, исто така, се осврна на својата долга меѓународна кариера.
– Особено чувство е да се претставува националниот тим, тоа беа 23 години задоволство и секогаш незаборавно искуство. Ако требаше да му кажам на момчето што дебитираше во 2006 година, би му кажал секогаш да дава сè од себе за својата земја и за своите бои, бидејќи на крајот ќе биде смирено знаејќи дека дало сè од себе. Заминувам со чиста совест. Освоив три титули за Португалија, а пред Кристијано Роналдо, Португалија немаше освоено ниту една. Задоволен сум. Најголемата титула беше ЕП 2016, кое, за мене, искрено, има иста тежина како и Светското првенство. Утре е нов ден, животот продолжува – додаде тој.
Роналдо имаше само пофални зборови за својот тренер во заминување, Роберто Мартинес.
– Сакам да му кажам на тимот дека уживав во соработката со него. Тој е одличен тренер, голем човек и она што го направи за Португалија е за пофалба. Тој ја освои титулата за Португалија. Многу луѓе не го ценат тоа, но Португалија никогаш претходно не освои ништо, а неодамна освои титули, што покажува колку добар мора да бидеш за да го постигнеш тоа. Сакам да му се заблагодарам и да му посакам многу среќа. Да, ова беше моето последно Светско првенство, но сега ќе имам време да размислувам и да бидам со моето семејство. Не донесувам избрзани одлуки. Не сакам мојата лична одлука да го одвлече вниманието од она што беше направено на овој турнир – изјави Роналдо.
Кога беше прашан за можното доаѓање на Жорге Жесус на клупата на Португалија, тој остро одговори: „Јас не ги носам тие одлуки, тоа го прави нашиот претседател. Сега не е вистинското време да зборуваме за тоа кој доаѓа“.











