Ако демократијата е мускул што се „билда“ со дебата, компромис, аргументи и визија, тогаш македонскиот демократски капацитет страда од тешка, хронична атрофија. Со децении се лажеме дека чекориме напред, додека, во реалноста, само го менуваме профилот на уривачите на системот. Денес, нашата „демократија“ е сведена на два столба: безлични партиски картели и хистерична диригирана толпа на социјалните мрежи.
И тука веќе нема простор за политичка коректност, нема простор за дијалог и аргументи, работата е отидена предалеку.
Да почнеме од главата на рибата, оттаму од каде што се шират смрдеата и заразата, од политичките партии. Кај нас, партијата не е идеологија, туку акционерско друштво за вработување и корупција, а нивниот демократски капацитет е рамен на нула. Внатрепартиска демократија е само мит за наивните, лага завиткана во шарени панделки. Лидерот е божество, извршниот комитет е револуционерен суд, а членството е гласачка машина што не смее да мисли, туку само да кима со глава.
Кога такви недемократски структури, во суштината, тоталитарни и клиентелистички, ќе ја заземат државата, тие не можат да продуцираат демократски институции. Продуцираат само поделби, омраза и беда. Нивната единствена стратегија за опстанок е лажниот патриотизам кој, во суштината, е партиотизам и плиткоумото милион пати повторено гесло – ако не си со нас, ти си предавник, платеник и ѓубре. И таа матрица успешно ја пресликаа врз народот.
И тука доаѓаме до народот, истиот оној кој социјалните мрежи (особено на „Фејсбук“) ги претвори во дигитална септичка јама. Честопати милуваме да кажеме дека кутриот народ е жртва на политичарите. Но ако ги погледнете коментарите под која било вест ќе сфатите дека тоа не е така. Тоа не е дебата, тоа е анархија од фрустрации, пцости, гадости и чиста неприкриена омраза.
Вокабуларот на просечниот македонски корисник на социјалните мрежи е дијагноза за колективното ментално здравје. Патриотизмот ни се мери со тоа колку сочни пцости и закани по живот ќе му упатиме на неистомисленикот. Желбата за правда ја изразуваме преку примитивни повици за линч, бесење и зандани. Од плукањето по „туѓите“, не гледаме дека сите заедно комплетно и неповратно тонеме во истата кал.
Ова не е демократски капацитет. Ова е дигитално племенско дивјаштво. Наместо аргументи, користиме виртуелни камења во форма на статуси, наместо визија за иднината, се давиме во историски фрустрации, додека партиските ботови и платените мегафони диригираат со јавното мислење како со евтин, раштиман оркестар.
Капацитетот на едно општество се гледа по тоа како се однесува кон малцинството, кон поединецот кој мисли поинаку, кон луѓето кои имаат храброст да кажат дека мислат поинаку. Кај нас, тој поединец веднаш се гази, плука, се распнува на дигиталниот столб на срамот и се прогласува за државен непријател. Ние не сакаме слобода на говор — ние сме лицемерни кукавици кои сакаат слобода само за својот говор, а апсолутен молк, мрак и цензура за туѓиот.
Ако сакаме вистинска демократија, вистинска модерна држава, прво мора да научиме да ги тргнеме партиските очила и да сфатиме дека плукањето на „Фејсбук“ нема да ни ги поправи патиштата, нема да ни ги опреми болниците и нема да ни ги задржи децата кои масовно бегаат од овој хаос. Демократијата не трпи неписменост, демократијата бара одговорност, бара писменост и, пред сè, бара елементарна култура на дијалог.
Сè додека највисокиот дострел на нашата политичка мисла е сочна пцост на социјалните мрежи, ќе останеме заробени во чекалната на историјата, ќе бидеме во подрумот на цивилизацијата со партии кои нè јадат живи однатре и народ кој со сопствената омраза сам си ја потпишува пресудата. Време е за будење, пред дигиталната кал целосно да ни ја затне устата и да ни ги затвори очите.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












