вторник, август 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ ЗА НАВОДНАТА ЗАГРОЗЕНОСТ НА ИЗВОРОТ „РАШЧЕ“: Водата што ја пијат...

ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ ЗА НАВОДНАТА ЗАГРОЗЕНОСТ НА ИЗВОРОТ „РАШЧЕ“: Водата што ја пијат скопјани е безбедна

0

Информациите кои се пласираат во јавноста за површинската депонија која се поврзува со изворот „Рашче“ создаваат непотребен страв и паника кај граѓаните во однос на безбедноста на водата за пиење, соопшти денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој потенцира дека депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите „Рашче“ и дека постои веќе 30 години.

-Без разлика на тоа, секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е задолжено да постапи во рамки на своите надлежности, а Град Скопје ќе застане со целосна поддршка за оваа локација да биде расчистена, иако не е на наша територија. Истовремено, сакам јасно и недвосмислено да порачам – водата што ја пијат скопјани е безбедна! – потенцира Ѓорѓиевски.

Тој додава дека резултатите од секојдневните анализи на водата покажуваат дека таа е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење.

-Секој ден дополнително се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем, кои детално се испитуваат во лабораториите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Изворот „Рашче“ е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот. Скопје има безбедна вода за пиење. Со здравјето на граѓаните нема политика, нема манипулации и нема компромиси. Никогаш нема да премолчам доколку постои каков било ризик по здравјето на скопјани. Но, исто така, нема да дозволам со невистини, шпекулации и ширење паника да се создава недоверба таму каде што фактите, анализите и резултатите јасно го покажуваат спротивното – порача скопскиот градоначалник.

ИЗДВОЕНИ