Општина Аеродром продава плац покрај кејот на Вардар, на потегот меѓу населбите Аеродром и Ново Лисиче, по пат на јавно надавање.
Предмет на јавното наддавање е градежна парцела ГП 1.7 со вкупна површина од 23.285 квадратни метри која се наоѓа покрај кејот на реката Вардар, во рамките на Градска четврт И14, во непосредна близина на Спортскиот центар „Јане Сандански“.
– Станува збор за реализација на важечки Детален урбанистички план донесен во 2014 година. Согласно сo планската документација, парцелата е предвидена со основна намена Д3 – спорт и рекреација, со компатибилни намени, согласно со условите од деталниот урбанистички план – појаснуваат општинските власти.
Јавното наддавање ќе се одржи утре по електронски пат, согласно со Законот за градежно земјиште. Почетната цена изнесува 2.032 денари по квадратен метар, односно вкупно 47.315.120 денари за целата парцела.
Од Општина Аеродром нагласуваат дека купувачот ќе биде обврзан да ги исполни сите услови предвидени со договорот за отуѓување на градежното земјиште.
– Тоа подразбира обезбедување урбанистички проект и одобрение за градба во рок од 12 месеци од склучувањето на договорот, реализација на најмалку 30 проценти од вкупно предвидената развиена површина, како и изградба на објектите во законски утврдените рокови. Дополнително, земјиштето не смее да се отуѓува или пренесува на трети лица сè додека не се исполнат договорните обврски, а за нивно непочитување се предвидени строги финансиски санкции и можност за раскинување на договорот – образложуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека целта на продажбата е ставање во функција на простор кој со години е предвиден за развој на спортско-рекреативни содржини, привлекување инвестиции и создавање нови можности за спорт, рекреација и квалитетно поминување на слободното време.
– Со ова се овозможува реализација на плански решенија кои ќе придонесат за уредување и дополнително оживување на просторот долж кејот на Вардар – одлучни се општинските власти.
Притоа, наведуваат дека визијата на Општина Аеродром е кејот на Вардар, на потегот од Аеродром до Ново Лисиче, како и просторот во непосредна близина на Спортскиот центар „Јане Сандански“, да продолжи да се развива како современа и атрактивна рекреативна зона, со повеќе спортски содржини.
– Целта е овој простор да стане уште попривлечен за граѓаните, семејствата, спортистите и за рекреативците – нагласуваат од Општина Аеродром.
(А. П.)












