Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, потпишаа договор за реализација на нов Erasmus+ проект, вреден 400.000 евра.
Станува збор за најголемиот грант одобрен од Националната агенција во рамките на новата клучна акција KA240, воведена од Европската комисија минатата година.
Општина Аеродром е координатор на проектот, кој ќе се реализира во партнерство со уште осум партнери од Италија и Хрватска.
– Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на образованието преку современи методи на учење, јакнење на знаењата и вештините на наставниците и воспитувачите, подобрување на соработката меѓу градинките, училиштата и родителите, како и поголема поддршка за децата на кои им е потребна дополнителна помош. Предвидено е и воведување нови дигитални алатки и ресурси во наставата, како и размена на искуства и добри практики со европските партнери – соопштија од Општина Аеродром.
Од Националната агенција ги охрабруваат општините во Македонија да се информираат за конкретните можности што ги нуди KA240 и да ги искористат за развој на квалитетни европски партнерства и проекти во образованието.
– Проектот на Општина Аеродром е пример дека европската соработка може да донесе конкретни можности за општините, училиштата, градинките, наставниците и учениците, но и да ги приближи европските вредности до нашето образование – нагласија од локалната самоуправа.












