Сите се во шок поради смртта на Олаф Тафте, двократен олимписки шампион во веслање. Тој беше пронајден мртов на својата фарма, причината за смртта сè уште не е позната. Познатиот спортист почина на 50-годишна возраст.
На неговиот имот, кој се наоѓа на околу 80 километри јужно од Осло, службите за итни случаи реагираа кратко време по повикот. Тафте беше префрлен со хеликоптер во болница, но, за жал, лекарите не можеа да го спасат.
Причината за смртта сè уште не е официјално објавена. Како што објавува порталот „Гол“, во времето на трагедијата немало сведоци, а сè уште не е разјаснето кој ги повикал службите за итни случаи. Тој ги остави зад себе сопругата Аина и двете деца.
Олаф Тафте е запаметен како најуспешен веслач во норвешката историја. Тој освои златни медали во скиф на Олимписките игри во Атина во 2004 година и во Пекинг во 2008 година, додека имаше и сребро од Сиднеј во 2000 година и бронза од Рио во 2016 година. Покрај олимписките успеси, тој двапати се искачи на врвот од светот, освојувајќи титули светски шампион.
Светската веслачка федерација се збогува со легендарниот спортист со фотографија и со краток опис.
– Со голема тага, Светската веслачка федерација се збогува со Норвежанецот Олаф Тафте, освојувач на четири олимписки медали и шест медали на светските првенства. Во вода беше бескомпромисен натпреварувач, а надвор од неа беше голем пријател на сите. Тој беше и добитник на „Томас Келер“, највисокото признание што се доделува во светот на веслањето.












