четврток, јули 23, 2026
Дома СВЕТ Шри Ланка се бори со епидемија – Повеќе од 77.000 заразени со...

Шри Ланка се бори со епидемија – Повеќе од 77.000 заразени со денга, комарците се „ловат“ со дронови

5

Шри Ланка се соочува со голема епидемија на денга, болест што ја пренесуваат комарците.  Властите распоредија воени дронови низ државата во обид да ги откријат местата каде што се размножуваат комарците што го шират вирусот, објави Би-би-си.

Од вирусот на денга годинава починаа 56 луѓе, а повеќе од 77.000 се заразени, при што повеќе од една четвртина од случаите се регистрирани само во јули.

Денга е вирусна треска, која е честа во тропските предели. Но, со зголемувањето на температурите во светот, комарците што ги пренесуваат овие болести сè повеќе навлегуваат во нови области, вклучувајќи ги Европа и Средоземјето. Според Светската здравствена организација, бројот на пријавени случаи во светот се зголемил од околу 500.000 во 2000 година на 14,4 милиони во 2024 година.

Многу луѓе заразени со денга не развиваат симптоми. Кај оние што развиваат, најчести се високата температура, главоболката, болките во мускулите и во зглобовите, мачнината и исипувањето. Во тешки случаи, денгата може да предизвика внатрешно крвавење, па дури и смрт. Луѓето што ќе се заразат по вторпат се изложени на поголем ризик од развој на тешка форма на болеста.

 

ИЗДВОЕНИ