Веќе не само ветувања на хартија, туку конкретни проекти на терен – ова е пораката што ја испратија од Министерството за спорт со пуштањето во употреба на целосно реконструираниот Градски базен во Кавадарци. Објектот што со години чекаше модернизација, доби нов лик и современи услови за спорт и рекреација. Инвестицијата вредна речиси 49 милиони денари треба да им служи и на најмладите, но и на сите љубители на спортот и активниот живот.

Од вкупната инвестиција, над 30 милиони денари се обезбедени преку Министерството за спорт, преку средствата на Владата од вториот јавен повик за финансирање инфраструктурни проекти, додека останатиот дел е обезбеден од Општина Кавадарци.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, порача дека целта не е само изградба и реконструкција на објекти, туку создавање услови во кои ќе растат нови генерации спортисти.

– Ние не градиме споменици, туку места каде што ќе растат идните шампиони. Секој реконструиран базен, секоја спортска сала и секое игралиште значат повеќе можности за децата, повеќе здравје за граѓаните и повеќе шанси Македонија повторно да создава врвни спортисти – изјави Ристовски.

Новиот базен во Кавадарци, кој сега е целосно обновен, доби нов систем за филтрација и пречистување на водата, реконструирани се големиот и малиот базен, поставени се водни атракции, тобогани и реквизити за најмладите. Обновени се и придружните содржини – соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки, а изградено е и ново детско игралиште.

Од Министерството за спорт велат дека Кавадарци не е единствениот град каде што се вложува во спортската инфраструктура. Во завршна фаза е и изградбата на новиот затворен базен во градот, проект, кој по долгогодишен застој, сега е пред финализација. Паралелно се работи и на други базени низ државата. Завршени се проектите во Карпош, Кисела Вода и Штип, продолжува изградбата во Струмица, Кичево и Ѓорче Петров, а технички е завршен и базенот во Битола.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествуваше на отворањето на базенот, потсети дека од целосно запуштен објект, кој сведочеше на едно лошо време, денес го гледаме како добива смисла и содржина за да уживаат дечињата.

– Овој инвестициски бран навистина има цел да го измени ликот, би рекол, на многу градови, многу населени места во државата, и убеден сум дека кога ќе заврши сето ова, а знаете дека повеќе од 1.200 проекти не се малку, ќе добиеме сосема поинаква Македонија, поразлична од онаа што ја наследивме од претходната влада на СДСМ и ДУИ – рече Мицкоски.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, официјално го пушти во употреба целосно реконструираниот Градски базен и потсети дека ова не е само реконструкција на еден објект, туку инвестиција во иднината на Кавадарци – во спортот, рекреацијата, туризмот и во подобриот квалитет на живот на граѓаните.

– Градскиот базен повторно ги отвори своите врати и од денес ќе биде место за спорт, рекреација, дружење и создавање нови летни спомени за сите генерации. Кавадарци доби уште еден капитален проект со кој продолжува да се развива како современ и урбан град – истакна Јанчев.

ИЗДВОЕНИ