Радосна вест за љубителите на народната песна. Сè е подготвено, така што годинашните „Охридски трубадури“, фестивал кој по 33. пат ќе се одржи на брегот на нашето македонско „море“, во убавиот Охрид, може да стартува. „Охридски трубадури“ не е само обичен музички настан. Тоа е воедно и настан кој ја претставува Македонија во странство. Амбасадор на македонската музика. Фестивал кој ги промовира убавините на Охридското Езеро, старото градско јадро, културното наследство и оригиналната атмосфера која го прави Охрид еден од најпосетуваните градови на Балканот. Место во кое музиката, културата, традицијата, љубезноста, храната и туризмот се спојуваат во едно.
За самата македонска музичка сцена, „Охридски трубадури“, како дел од „Охрид-Фест“ претставува една од најзначајните фестивалски институции. Низ неговата сцена поминале генерации пејачи, автори и музичари. Создадени се десетици безвременски хитови, а многу познати пејачи токму тука ги направиле своите најголеми чекори, како на пример, легендарниот Тоше Проески, кој и денес се памти кога ја отпеа незаборавната „Усни на усни“. Фестивалот останува еден од ретките на кој новата македонска песна добива на важност.
Под рефлекторите на фестивалска сцена, покрај сите останати придружни манифестации, фолк-вечерта во рамките на Интернационален „Охрид-фест 2026“ ќе донесе грст нови песни, идни македонски хитови и тоа во интерпретација на многу популарните имиња:
Перо Христов, Кате Брезева со групата Соната, Елена Андоновска, Мишко Крстевски, Смиља Митревска, Благица Калева, Горан Тодоровски, Блага Петреска, Анета Љумаковска со Анета-Бенд, Ленче Кукиќ, Драган Николовски-Даце, Петар Нечовски, Ивана Серафимова, Благица Павловска, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Ангела Влинтовска… И ова лето, магичната летна сцена на Долни Сарај ќе биде во свечено фестивалско руво, со што на фестивалот ќе му се даде и оној гламурозен изглед, празник за очите. Тој гламур ќе можат да го следат и телевизиските гледачи кои нема да бидат присутни на самото место, но со директен пренос од Охрид ќе бидат дел од овој интересен тричасовен музички настан.
Фестивалските случувања ќе можеме да ги следиме на фреквенциите на Македонска телевизија, Хајп телевизија од Србија, Телевизија Црна Гора, Хајат телевизија од Босна и Херцеговина, CMC-телевизија од Хрватска, додека во тек се разговорите со музичката телевизија ТВ-Балканика, од соседна Бугарија. Водителка на „Охридски трубадури 2026“, традиционално, останува да биде атрактивната Ирена Спировска.
(Д. М.)












