Интересот за купување станови во Охрид не стивнува и покрај рекордните цени. Туристичкиот центар станува една од најатрактивните дестинации за инвестирање во недвижности, а освен домашни купувачи, сè поголем број станови купуваат и странски државјани. Истовремено, статистиката покажува дека градежната активност е во подем, а Охрид се наметнува како втор најактивен град во државата по бројот на новоодобрени станови.
Во најатрактивните делови од градот – покрај кејот, во централното градско подрачје и во непосредна близина на езерото – цената на новоизградените станови достигнува и до 4.000 евра за квадратен метар. Во другите делови од центарот, квадратот во новоградба се движи меѓу 1.500 и 3.000 евра, додека во населбите кај Билјанини Извори и на влезот во градот цените во фаза на изградба се движат од 1.300 до 1.400 евра за квадратен метар.
Од агенциите за недвижности велат дека главна причина за растот на цените е континуирано големата побарувачка, која веќе неколку години ја надминува понудата.
– И покрај високите цени, побарувачка за станови во Охрид не стивнува. Купувачите најчесто бараат станови од 30 до 50 квадратни метри, бидејќи тие најлесно се издаваат на туристи или се користат како викенд-домови. Најбрзо се продаваат становите со поглед на езеро и оние во централното градско подрачје, каде што понудата е ограничена – велат од една агенција за недвижности во Охрид.
Од агенцијата додаваат дека последните години сè почести купувачи се странски државјани.
– Освен домашните купувачи, интерес покажуваат и државјани од Турција, Германија, Италија, Швајцарија и од други европски земји. Најголем дел од нив купуваат недвижности како инвестиција или за сопствен престој во текот на туристичката сезона. Поради ограниченото земјиште за градба во атрактивните делови на Охрид, не очекуваме намалување на цените во скоро време – посочуваат од агенцијата.
Според нив, инвеститорите веќе продаваат голем дел од становите уште во фазата на изградба.
Кај постарите станови, цените зависат од локацијата и од состојбата на објектот. Најевтините може да се најдат од околу 1.000 евра за квадратен метар, додека на подобрите локации достигнуваат од 1.200 до 1.500 евра. Старите гарсониери се особено барани и нивната цена се движи околу 2.000 евра за квадратен метар. Нешто попристапни остануваат становите во близина на охридската болница, каде што квадратот во новоградба се продава за околу 1.200 евра.
Во споредба со 2020 година, цените на становите во Охрид практично се удвоија. Освен големата побарувачка, врз поскапувањето влијаат инфлацијата, повисоките цени на градежните материјали, недостигот од работна сила и зголемените трошоци за изградба.
Паралелно со растот на цените, се интензивира и станоградбата. Според најновите податоци, само во еден месец во Охридскиот Регион биле издадени одобренија за изградба на 232 нови стана, што го позиционира регионот веднаш зад Скопје според бројот на планирани станбени единици. Воедно, Охрид е втор и по бројот на издадени одобренија за градба, што укажува дека инвеститорите и натаму гледаат значителен потенцијал во него.
Интересно е што најскапата продажба на стар стан во истиот период е регистрирана токму во Охрид. Бил продаден стан со површина од 66 квадратни метри за 211.200 евра, односно по цена од 3.200 евра за квадратен метар, што уште еднаш ја потврдува високата вредност на недвижностите во најатрактивните делови од градот.
(А. С.)












