Десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“, ќе се одржи од 5 до 9 август во Струга. Главната програма на фестивалот ќе се одржи во Паркот на поезијата, додека останатите настани се распределени во ЕУ хаус Струга, мезе-бар „Кингстон“ и кафе-бар „Дуќан“.
„Оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама, велат од „Дрим шорт фестивал“.
Специјални гости на јубилејното издание на фестивалот се двајца реномирани сценаристи, Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, чија раскажувачка креативност е вградена во многу врвни дела на европската кинематографија. Пјер и Масимилијано ќе одржат мастеркласови, каде што публиката ќе има можност да слушне приказни за тоа како се раскажуваат приказни, зошто е потребно многу време да се напише сценарио и како минатото ги обликува новите приказни.
Во текот на петте фестивалски дена, филмовите се поделени во пет натпреварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со „Про Пис“. Жирито го сочинуваат меѓународни интернационални филмски уметници: Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка, Цанко Василев, продуцент и Гледис Бица, режисер.
Другата наша мисија, да дадеме простор за промоција на македонската кинематографија, на ова јубилејно издание ја реализираме со специјална
програма „Студенти во фокус“, каде што ќе се прикажат уште 6 македонски, студентски филмови, а за нивната работа публиката и авторите ќе имаат можност да разговараат со актерот Никола Ристановски.
Во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија, во рамките на програмата ќе се реализира „Холандска вечер“, каде што ќе се прикаже програма од 5 кратки холандски филма, во селекција на нашите соработници од фестивалот „Го шортс“ и специјална ВР-програма на кратки филмови. И оваа година ја продолжуваме соработката со „Екосвест“, преку програмата „Свесно Кино“.
Отворањето на фестивалот ќе биде проследено со концерт на Дина Јашари. Додека третата вечер ќе ја отвори дуото „Антартик“, новиот проект на стружанецот во Белград, Илија Дуни, а вечерта ќе ја затвори Александар Гроздановски, познат како Херцел, со специјален диџејски сет.
Влезот за сите настани е бесплатен.
Генерален покровител на гoдинашното издание на фестивалот е Агенцијата за филм.












