сабота, јуни 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Охрид ќе ги одбележи Деновите на светите Кирил и Методиј

Охрид ќе ги одбележи Деновите на светите Кирил и Методиј

54

Со свечени настани, научни собири, изложби и богата културно-уметничка програма, почнувајќи од денеска до 24 мај, Охрид ќе ги одбележи Деновите на светите Кирил и Методиј, посветени на делото на сесловенските просветители и основоположници на словенската писменост.

Програмата започна денеска со свечена приредба по повод патрониот празник на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“, која се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“. За следниот ден се предвидени изложба и работилница од областа на калиграфијата, во организација на српското друштво „Коштана“ од Врање, кои ќе се одржат во Куќата на Робевци.

Централен настан ќе биде научната конференција „Континуитетот на кирилометодиевската традиција изразен во Охридската книжевна школа“, закажана за 23 мај, во Конгресниот центар во Охрид. На конференцијата ќе учествуваат еминентни професори и научни работници од земјава и од регионот, а предвидено е и поздравно обраќање на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, и на претставниците на академската заедница.

На самиот празник, 24 Мај, ќе се одржи традиционалната програма „По стапките на светите Кирил и Методиј“, која опфаќа свечена богослужба, полагање свежи цвеќиња пред споменикот на светите браќа и доделување награди за најдобри ученици од основните и од средните училишта што постигнале значајни резултати на регионални и на државни натпревари.

Во рамките на чествувањето ќе биде промовирано и десеттото јубилејно издание на фестивалот на поезијата за деца „Стихувалки“, а вечерта ќе биде заокружена со концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ и со беседа посветена на светите Кирил и Методиј, во црквата „Света Софија“.

Организаторите истакнуваат дека програмата има цел да го афирмира духовното, културното и просветителското наследство на светите Кирил и Методиј, чие дело претставува темел на словенската писменост, образование и култура.

 

ИЗДВОЕНИ