На 43-иот протестен „Марш за ангелите“ што денеска за прв пат се одржа во Виница родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ рекоа дека институциите и понатаму ја туркаат приказната дека „клучна причина“ за смртта на 63-те жртви е јаглерод моноксидот, но, според нив, останува фактот дека кај една третина од жртвите е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности.
Учесниците испратија порака дека сеќавањето на загинатите не смее да згасне, но и дека одговорноста за трагедијата не смее да остане само симболична.
-Иако институциите упорно ја туркаат приказната дека клучната причина била јаглерод моноксидот, останува фактот дека кај најмалку 21 жртва е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности. Очигледно за некој 21 човечки живот се статистика што одговара на наративот, па затоа денеска слушаме спинови дека кај поголемиот дел не бил пронајден цијанид. Факт е дека цијанидот е екстремно токсичен гас кој во услови на пожар, може драматично може да се забрза, особено при висока температура, чад и недостаток на кислород, изјави Тања Коцева.
Таа додаде не смее да запре одговорноста само кај сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов. Како што вели, тука започнува и прашањето за директната одговорност на институциите што не вршеле контроли.












