недела, ноември 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИНКЛУЗИВНА ТРКА „RUN TOGETHER“ ВО ГЕВГЕЛИЈА: Да ги броиме насмевките не секундите!

ИНКЛУЗИВНА ТРКА „RUN TOGETHER“ ВО ГЕВГЕЛИЈА: Да ги броиме насмевките не секундите!

1

Трка во која победници се сите, а најголемата победа е човечноста. Трка во која не се мерат секундите, не се бројат освоените места и не се бараат рекорди, туку се испраќа порака дека секој човек заслужува еднаква можност да биде дел од општеството. Токму тоа е суштината на инклузивната хуманитарна трка „Run Together“, која по четврти пат се одржа овој викенд во Гевгелија.

Инклузивната трка „Run Together“ во Гевгелија е една од најхуманите и најзначајните содржини во рамките на дводневната атлетска манифестација „November Run“. На неа, пораката за еднаквост, прифаќање, солидарност и заедништво ја испратија над 1000 учесници, лица со телесна и друга попреченост. деца и млади од училиштата. родители и членови на семејствата. наставници, професори и ученици, членови на 20 здруженија и организации од целата држава, како и од Грција, од општината Пеонија.

Нејзината посебност е во тоа што спортот го претвора во порака за еднаквост, прифаќање, солидарност и заедништво. Трката е иницирана од Фондацијата „Ице Бегов“,во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија и општина Гевгелија. Нејзината основна идеја е да создаде простор во кој лицата со попреченост, децата, младите, родителите, пријателите и сите други граѓани можат заедно да учествуваат во една спортска манифестација.

„Сите ние имаме понекогаш потреба од помош, разбирање и поддршка. Но, исто така, секој од нас може во животот нешто и да даде. Не мора тоа да бидат пари, ниту друга големо нешто. Може да биде тоа време, внимание или само еден поминат километар. А, на оваа трка денеска, нема да броиме кој стигнал прв, ќе ги броиме насмевките, прегратките и моментите поминати заедно, со овие зборови, на учесниците и гледачите им се обрати Елена Бегова, претседател на Фондацијата „Ице Бегов“.

На сите учесници на оваа хумана трка поддршка им даде и државниот секретар во Министерството за спорт и туризам, Сашо Огњеновски: „Спорт достапен за сите во целата држава е една од целите и заложбите на Министерството за спорт и туризам. Овој настан создава простор за рамноправно учество и ја поттикнува инклузијата и достапноста на спортот за сите и значат промоција на спортот и на спортските вредности.“

Настанот е посветен на Ице Бегов, млад човек роден во Гевгелија, чија добрина, човечност и позитивна енергија се инспирација за работата на фондацијата. Темпераментноста беше негова препознатлива карактеристика, а особено неговиот афинитет кон повеќе професии меѓу кои: музиката, ветеринарството, занаетчиството особено кон неговата омилена професија електроинсталатер. Несебично го даваше својот максимум за секој ден да биде поубав, подобар и различен, исполнувајќи го секој момент со искрена насмевка, среќа и топла љубов.

Неговата автентичност е поттик за основање на Фондацијата “Ице Бегов“ која ја продолжува неговата мисија на хуманост, ведар дух и добрина која во целост го отсликува неговиот лик. На крајот на трката ја замоливме неговата мајка, Елена Бегова, за читателите на весникот ВЕЧЕР да ни ги каже нејзините импресии.

„За мене “Run Together“ е многу повеќе од трка. Тоа е продолжување на љубовта и мисијата на Ице, кој веруваше во луѓето, во заедништвото и во свет во кој секој има свое место. Денес, гледајќи ги сите тие луѓе на патеката, почувствував дека неговиот дух живее токму преку ваквите моменти. Искрено, денешниот ден беше посебен и многу емотивен. И покрај лошото време, толку многу луѓе излегоа и покажаа дека кога постои вистинска желба за заедништво, нема пречки. Бескрајно сум благодарна на сите учесници, волонтери и поддржувачи. Денес уште еднаш покажавме дека Гевгелија има големо срце!“ (Љ.А.)

ИЗДВОЕНИ