недела, јуни 7, 2026
Дома КУЛТУРА Одбележување на 80 годишниот јубилеј на Драмскиот театар-Скопје/ФОТО

Одбележување на 80 годишниот јубилеј на Драмскиот театар-Скопје/ФОТО

3503

Вечерва во присуство на бројни гости од театарскиот, општествениот и од културниот живот на нашата земја, реномирани актери и доајени на македонскиот театар, како и актуелни и поранешни политичари, во Драмскиот театар – Скопје започна централната прслава со која се одбележува 80 годишниот јубилеј на оваа реномирана театарска институција.

Фото: П. Стојановски

Гостите, по обраќањето на актуелниот директор на Драмски, Роберт Вељановски ќе ја проследат праизведбата на претставата „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.

„Мачкина глава“, по драмскиот текст на Венко Андоновски, што парадигматично реферира на култното „Диво месо“ е посветена на великанот на македонското драмско творештво, Горан Стефановски, кој своите театарски почетоци ги имаше токму во Драмски.

Во претставата играат: Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски. Во уметничкиот дел од тимот, пак, се сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајкоски.

„Мачкина глава“ е 461. премиера во 80-годишното постоење на Драмски, најрелевантната македонска театарска куќа, со освоени бројни награди и признанија во бившата федерација и во Република Македонија и одликуван од двајца претседатели, Театар низ кој поминале плејада врвни македонски актери, режисери, драмски писатели, театарџии, каде што се одиграле култни претстави, кои повозрасните генерации сè уште ги паметат.

Драмскиот театар – Скопје вечерва слави 80 години од првата куклена претстава „Силјан Штркот“, работена по мотиви на Марко Цепенков, а во режија на Петре Прличко. Таа е одиграна на 21 април во 1946 година, на сцената на тогашниот Македонски народен театар, како дел од куклената сцена.

Краток осврт и за историјата на Драмскиот театар: Од 1946 до 1949 година, опстојува како Куклена сцена при МНТ, а во 1949 година прераснува во самостојна установа со називот Градски куклен театар во тогашната Женска гимназија. 1958 е клучна година кога на сцената, покрај куклите, почнуваат да настапуваат и живи актери. Театарот го добива името Младинско-детски театар. Во 1965 година, Театарот се вселува во сегашниот објект во населбата Карпош 2 и го добива името Драмско-младински детски театар, а во 1967 – институцијата официјално станува Драмски театар Скопје.

ИЗДВОЕНИ