Од јавна администрација, која со години се соочуваше со предизвици, недоволна мотивација и наталожени проблеми, полека, но сигурно, градиме модерна, ефикасна и стручна јавна администрација – истакна денеска Горан Минчев, министер за јавна администрација. Тој се обрати на одбележувањето на Денот на јавната администрација кое се оддржа под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“ во Скопје. На собирот беше истакната улогата на јавната администрација како клучен столб во процесот на европска интеграција и во обезбедувањето квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-заедницата. При ова, посебно се потенцираа реформите, дигитализацијата и градењето професионален и ефикасен систем.
–Го одбележуваме Денот на јавната администрација под мотото „Доверба, интегритет и резултати“. Денес не зборуваме само за визија. Денес можеме да зборуваме и за резултати. И можеби најважно од сè, денес сè појасно ја потврдуваме нашата определба дека реформата на јавната администрација не е само реформска обврска на нашиот пат кон Европската Унија, туку инвестиција во институциите, во луѓето и во иднината на Р. Македонија – истакна Минчев.
Според него, воклучен фокус се човечките ресурси и континуираното усовршување.
-Со донесувањето на Законот за административни службеници, Законот за вработување во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, создадовме цврста основа за професионална администрација, заснована на компетенции, знаење и заслуги. Истовремено, свесни сме дека современата администрација не се гради само преку прописи, туку пред сè преку луѓето, затоа започнавме процес на воспоставување на Академијата за јавна администрација – нагласи Минчев.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, порача дека е свесен дека спомнувањето на јавната администрација кај граѓаните не секогаш предизвикува позитивни чувства и дека постои незадоволство. Но, и дека Владата останува цврсто посветена на модернизацијата на јавниот сектор и на создавање администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните.
-Нашата задача е да изградиме администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка пред нивните потреби. Администрација која ќе биде препознаена по брзината на услугата, по љубезноста на односот, по професионалноста во работењето и по ефикасноста во решавањето на проблемите. Администрација која нема да биде симбол на чекање, туку симбол на решавање. Нашата задача како Влада е да создадеме систем кој ќе ги препознае, мотивира и награди токму таквите луѓе. Систем во кој знаењето ќе биде предност. Систем во кој интегритетот ќе биде вредност. Систем во кој резултатите ќе бидат мерка за успех. Систем во кој граѓаните ќе бидат најважниот критериум за тоа дали сме успешни или не. Верувам дека заедно можеме да ја вратиме довербата таму каде што таа најмногу му е потребна на едно општество, во државните институции – рече Мицкоски.
Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Штефан Худолин посочи дека според последниот извештај на ЕУ Македонија останува умерено подготвена во областа на реформите на јавната администрација.
-При ова е забележан одреден напредок, особено во дигитализацијата. Потребни се подлабоки структурни реформи и дополнителни напори. Не е доволно само донесување закони, туку нивна целосна примена. Најважно е што добиваат граѓаните – поквалитетни и поефикасни услуги – порача Худолин,
Во рамки на настанот беа доделени и признанија за управување со квалитет во јавниот сектор. Првото место според Индексот на квалитет за 2025 година го освои Министерството за дигитална трансформација, второто место ѝ припадна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а третото на Институтот за акредитација.












