петок, август 7, 2026
Дома МАГАЗИН Од скопска улична чистачка на чевли до музичка кралица во париската „Олимпија“ –...

Од скопска улична чистачка на чевли до музичка кралица во париската „Олимпија“ – Да беше жива, славната Есма ќе го славеше 83. роденден

1

Последната желба на Есма државата Македонија да ја претвори куќата на Калето во музеј, а таа да биде кремирана и нејзината урна да биде до урната на Стево, до денес не е исполнета. Големата Есма беше кандидирана за Нобеловата награда за мир! 

 Есма Реџепова е петтото од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови. Родена е на 8 август, во мала трошна куќичка во центарот на Скопје. Татко ѝ Ибраим ја загубил едната нога при фашистичкото бомбардирање на Скопје во април 1941 година. Така осакатен, ги прехранувал своите четири ќерки и двајцата синови како чистач на чевли на скопските улици. Малечката Есма, со текот на времето, станала главна негова помошничка. Парите што ги заработувала најчесто ги трошела за одење во кино.

Уште на таа возраст имала бунтовен карактер, па така никогаш не им останувала должна на оние што сакале да ја понижат, нарекувајќи ја „Циганка“. Всушност, тоа не можело да ја посрами, но не им дозволувала на другите така да ја нарекуваат. Не се срамела од ниту една работа ниту кога сиромаштијата ја принудила да чисти скали, да брише прозорци, да пере и да пегла во домовите на богатите скопјани. Сите тие работи ги правела така што постојано пеела за себе. Луѓето веднаш забележале дека има уникатен глас, иако нејзината мајка Чанија никогаш јавно не запеала. Татко ѝ Ибраим пеел, но само за своја душа. Пеењето по кафеаните во тоа време тој го сметал за непристојна работа за женскиот род. Но, конечно, на своја 14-годишна возраст  Есма разбрала дека само песната ќе стане нераскинлив дел од нејзиниот живот.

Еден ден, кога чукнал на вратата од домот на Реџепови познатиот естраден уметник Стево Теодосиевски, сè се сменило во животот на Есма. Стево успеал да го убеди Ибраим да ѝ дозволи на Есма да настапува со неговиот ансамбл. Есента 1957 година, Есма победила на еден важен музички натпревар, по кој добила сериозна покана за соработка со Радио Скопје. Од тој настан, нејзиниот живот тргнал во сосема поинаков правец. Професионално се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, а таткото ѝ добил ветување од Стево дека ќе се грижи за неа и дека нема да дозволи таа да стане кафеанска пејачка.Така почнала богатата пејачка кариера на талентираната Есма. Дом ѝ станал стариот автомобил на Стево Теодосиевски, а адреса на живеење – светските метрополи и хотели. Била вистинска атракција за публиката, затоа што во тоа време не било нешто нормално Ромите да бидат вклучени во естрадниот живот. Есма ги урнала и тие табуа. Заминала од Скопје и станала жител на Белград.

Нејзиниот нов дом бил во елитната белградска населба Дедиње, а по долгогодишното заедничко живеење, стапила во брак со Стево Теодосиевски во 1968 година. Направиле голема, весела ромска свадба, со многу гости и од Скопје. Станала вистински популарна, со што популарноста и музикалноста ја одвеле и на сцената на која првпат пеела пред претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито. Годините потоа се ределе нејзините светски успеси.

Меѓу најзначајните се нејзините концерти во планетарно популарната концертна сала, париската „Олимпија“, во која настапила рамо до рамо со светските музички ѕвезди од тоа време, меѓу кои: Жилбер Беко, Миреј Матје, Далида, Шарл Азнавур, Енрико Масијас, Жилиет Греко, Хулио Инглесијас… Меѓутоа, по 30 години брак, смртта на Стево ги раздели. Есма тешко ја преболе празнината. Но, Стево засекогаш остана присутен во нејзиниот живот, сè до нејзината ненадејна смрт во 76. година од животот. Последната желба на Есма државата Македонија да ја претвори куќата на Калето во музеј, а таа да биде кремирана и нејзината урна да биде до урната на Стево, до денес не е исполнета. По смртта на мама Есма, како што нагалено ја нарекуваа сите, куќата на Калето остана незаштитена и наеднаш ограбена.

Есма не беше кремирана, туку погребана на Градските гробишта Бутел, во Алејата на великаните. Куќата и до ден – денес не е претворена во музеј. Тоа е поради судските спорови кои се водат околу сопственоста, а кои ги поведоа внуци од сестрите и од браќата.

Инаку, кралицата на песната  имаше мошне богата кариера. Зад себе остави повеќе од 600 песни на ромски, македонски, српски, турски, арапски, германски, руски, француски, грчки, хебрејски јазик. Одржа и преку 22.000 концерти, од кои многу беа хуманитарни. За пазарот на грамофонски плочи издаде 108 сингла, 32 компакт-диска, 15 албуми, шест видеокасети и сними неброено многу телевизиски шоу-емисии. Песните „Чаје Шукарије“ и „Џелем, џелем“ станаа неофицијални химни на Ромите во светот. Легендарната Индира Ганди ја прогласи за кралица на Ромите, а беше кандидирана и за Нобеловата награда за мир.

Нам ни останува да го паметиме нејзиното животно мото: „Секогаш мора да бидеме свесни за тоа дека сме дошле на овој свет голи и боси и дека голи си заминуваме на оној друг свет. Не носиме апсолутно ништо со себе под земја. Токму затоа луѓето треба меѓусебно да се почитуваат, да не се мразат, а роднините да се сакаат и помагаат. Никој со никого да не се расправа, никој да не биде алчен“.

Дуле МИЌИЌ /фото:архива

 

 

 

ИЗДВОЕНИ