Иран бележи значителен раст на приходите од продажбата на нафта. Во септември земјата заработила повеќе од 3 милијарди долари, односно околу 2,61 милијарди евра.

Тоа е највисок месечен приход од продажбата на нафта во последните две години, објави иранската новинска агенција „Мер“, повикувајќи се на официјални податоци на Организацијата за планирање и буџет.

Според последниот извештај на ОПЕК, просечната цена на барел иранска нафта во август изнесувала 81,25 долари. Тоа е пад од околу еден отсто во однос на јули.

Сепак, на подолг период цените се значително повисоки. Од јануари до август, просечната цена на иранската нафта изнесувала 91,01 долар за барел, што е за 26,7 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Дополнителни податоци објави и агенцијата „Фарс“, која неодамна, повикувајќи се на документ во кој имала увид, објави дека буџетските приходи на Иран од нафтата во четирите месеци до јули достигнале 91 трилион томани, или приближно 6,53 милијарди евра.

Растот на приходите од нафтата претставува значаен извор на средства за иранскиот буџет, особено во услови на долгогодишни меѓународни санкции и ограничувања врз иранскиот извоз на енергенси.

ИЗДВОЕНИ