Четиригодишниот Гас Ламонт исчезна во септември 2025 година од имотот на неговите баба и дедо во австралиската пустелија, а речиси една година подоцна сè уште нема одговор што точно му се случило.
Момчето последен пат било видено како си игра во дворот на изолираниот имот „Оук Парк Стејшн“, на околу 240 километри северно од Аделаида. Носело сива капа, сина маичка со „Миниони“ и мали чизмички. Кога неговата баба проверила каде е, Гас веќе го немало.
Следувала една од најголемите полициски потраги во историјата на Јужна Австралија. Стотици полицајци, војници и спасувачи пребарувале огромна област, а биле користени хеликоптери, дронови, специјализирани камери и технологија со вештачка интелигенција.
Биле проверени резервоари за вода, рударски окна, патишта, објекти и огромни пространства од пустелијата. Воздушната потрага подоцна била проширена на повеќе од 700 квадратни километри. Но, не била пронајдена ниту една трага од момчето – ниту неговата облека, велосипедот или капата.
Истрагата дополнително ја усложнила необичната околност што немало докази дека Гас бил киднапиран. Полицијата соопшти дека не биле пронајдени сомнителни траги од возила, а потенцијалните ризични лица во околината биле проверени.
Со текот на времето, истражителите почнале да разгледуваат и можност дека некој што го познавал момчето е вмешан во неговото исчезнување.
Во февруари полицијата откри дека во информациите дадени од членовите на семејството биле пронајдени „недоследности“. Родителите на Гас биле исклучени како осомничени, а вниманието се насочило кон едно од лицата кои биле на имотот во моментот на исчезнувањето.
Полицијата не го именувала осомничениот и никој досега не е обвинет за исчезнувањето.
Бабата на Гас, Џози Мареј, јавно ги отфрли сомнежите и негираше каква било вмешаност. Таа дури изјави дека полицијата верува оти таа го убила и го закопала детето, но нагласи дека таквото сценарио е „апсурдно“.
Во истрагата биле запленети и возило, мотоцикл и електронски уреди од имотот, но форензичката анализа досега не открила нова трага што би го решила случајот.
Биле разгледувани и бизарни можности – од напад од диво животно до напад од орел. Експертите, сепак, категорично ја отфрлиле можноста огромен австралиски орел да го однел детето, бидејќи овие птици не се доволно силни за да подигнат дете со тежината на Гас.
Во меѓувреме, потрагата продолжува. Нови воздушни снимки беа направени и во август, а нивната анализа сè уште трае.
Една година по исчезнувањето, семејството сè уште нема одговори.
- Сè што сакаме е да го вратиме Гас дома и да дознаеме што му се случило на нашето прекрасно момче, порачаа неговите родители.











