Од први септември ќе може да се користат трите нови училници што се доградуваат во основното училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар. Тие треба да овозможат едносменска настава за сите. Инвестицијата е поддржана од Министерството за образование и наука, во вредност од 2,2 милиони денари.
Увид во градежните работи денеска извршија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
– Две години се заложуваме за воведување едносменска настава во сите општини и училишта каде што е возможно тоа. Придобивките се повеќекратни: децата ја почнуваат наставата наутро, кога се повеќе концентрирани за учење. Се задржуваат подолго на училиште и треба да се задржуваат, бидејќи имаат 900 часа помалку од своите врсници до 15- годишна возраст. Повеќе се социјализираат, што е важно особено за мултиетничките средини и училишта и се заштедуваат средства при работењето на училишните објекти – истакна Јаневска, додавајќи дека досега концептот го прифатиле над 200 училишта.

Притоа, посочи дека Владата им дава поддршка на општините да се забрза овој процес преку проширување на капацитетите на постојните училишни објекти.
– Во моментов инвестираме во доградба на училници во шест училишта, а едно од нив е токму ова. Во меѓувреме се изработуваат, а дел се изработени, вкупно 15 проекти за доградување училници во други училишта и активностите на терен етапно почнуваат приближно од ноември годинава, а сите треба да бидат почнати до пролетта следната година – нагласи министерката.
Градоначалникот Митески информираше дека од 1 септември и во ООУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче ќе се воведе едносменска настава и за учениците од 6 до 9 одделение, со што ќе се продолжи со унапредувањето на образовниот процес и со создавањето подобри услови во училиштата на територијата на Општина Аеродром.
Воедно, нагласи дека сите училишта во Општината интензивно се подготвуваат за почетокот на новата учебна година и оти се пристигнати учебниците за сите ученици, кои ќе им бидат распределени на првиот училиштен ден. Исто така, четвртоодделенците ќе добијат и таблет-уреди, кои се обезбедуваат веќе неколку години наназад од страна на локалната самоуправа и од општинскиот буџет.
(А. П.)












