Зад Дијана Сламкова, мастер едукатор за нокти, денес стојат бројни меѓународни признанија. За неа, секоја награда има своја приказна бидејќи како што вели, зад секоја стојат многу часови работа, труд и откажувања. Но, еден трофеј има посебно место во нејзиното срце. – Ако треба да издвојам еден, тоа е трофејот за третото место на натпреварот „Словенеилс“ во Словенија. На тој натпревар го нацртав ликот на мојата ќерка Матеа. Тоа не беше само натпреварувачки дизајн туку дело исполнето со огромна љубов и емоција. Токму затоа, таа награда за мене има непроценлива вредност, вели Сламкова за весникот ВЕЧЕР
Додека за многумина уметноста на ноктите е само дел од индустријата за убавина, за Македонката Дијана Сламкова таа е начин на изразување, бескрајна посветеност и можност својата држава Македонија да ја претстави на најголемите светски сцени. Во светот на уметноста на ноктите, позната и како неил арт, каде што секој потег со четкичка бара совршена прецизност, а секој детаљ е пресуден за победа, нејзиното име сè почесто се наоѓа меѓу најдобрите. Сламкова е професионален неил артист, едукатор и натпреварувач, која со својата креативност веќе неколку години освојува признанија на престижни меѓународни шампионати.
Нејзината приказна, како што и самата вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР, почнала сосема скромно. На само 16 години, родителите ја запишале на првата обука за нокти, а токму тогаш сфатила дека пред себе има нешто што за неа ќе стане многу повеќе од само обично хоби.
– Желбата отсекогаш постоеше, но тогаш почна сè. Паралелно со средното училиште, а подоцна и со факултетот, работев и сама си заработував. По дипломирањето на Педагошкиот факултет одлучив целосно да му се посветам на овој занает и никогаш не се покајав, вели Дијана Сламкова.

Креативноста, пак, додава, отсекогаш била дел од нејзиниот живот, а љубовта кон уметноста ја носи во себе уште од детството.
– Во моето семејство сите сме поврзани со уметноста. Татко ми е естраден уметник и пејач на народни песни, мајка ми ужива во сликање, пишување проза и поезија и е автор на неколку книги, а брат ми, покрај својата професија, е талентиран сликар и фотограф. Веројатно токму од таа средина ја наследив креативноста и желбата да создавам, раскажува Сламкова.
Денес таа е мастер едукатор за нокти, веќе осум години активно работи со клиенти и обучува нови генерации во својот салон „Дијана бјути хаус“, а како претставник на „Клареса Македонија“ придонесува за развојот на современите техники во оваа професија. Но, вистинскиот предизвик за неа почнува надвор од границите на Македонија. Натпреварите за неил арт постојат многу години и редовно се организираат низ светот, иако кај нас малкумина знаат дека постои вакво професионално натпреварување. Токму тие шампионати се местото каде што најдобрите уметници ги одмеруваат своите знаења, техниката и креативноста.

Првиот настап, признава, бил исполнет со трема и неизвесност.
– Кога првпат настапив, бев дебитант и немав доволно искуство. Искрено, тогаш сè уште не бев свесна колку големо значење има тоа што ја претставувам Македонија. Со секој следен натпревар, чувството беше сè посилно. Како единствен натпреварувач од Македонија на многу од тие светски сцени, чувствував голема чест, но и голема одговорност. Секогаш давав максимум, не само заради личниот успех туку и за достоинствено да ја претставам мојата земја пред најдобрите светски неил артисти, вели таа.
Зад неа денес стојат бројни меѓународни признанија – петто место на меѓународниот натпревар „Неилпро Европа“, сребрен медал на „Неилимпија“ во Германија, три освоени медали на натпреварот „Бјути Балкан“ во Хрватска и најновото, трето место на натпреварот „Словенеилс“. Секој освоен трофеј има своја приказна бидејќи како што вели, зад секоја награда стојат многу часови работа, труд и откажувања. Но, еден трофеј има посебно место во нејзиното срце.
– Ако треба да издвојам еден, тоа е трофејот за третото место на натпреварот „Словенеилс“ во Словенија. На тој натпревар го нацртав ликот на мојата ќерка Матеа. Тоа не беше само натпреварувачки дизајн туку дело исполнето со огромна љубов и емоција. Токму затоа, таа награда за мене има непроценлива вредност, вели Сламкова.
Инаку, еден рачно изработен натпреварувачки портрет, како што ни открива таа, бара часови работа.
– Најмногу уживам во цртање реалистични и ликови од цртани филмови, па затоа најчесто се натпреварувам токму во тие категории. Еден натпреварувачки дизајн со рачно нацртан лик бара околу пет ефективни часа прецизно цртање, а ако станува збор за екстремни, креативни форми што се градат од гел, подготовката може да трае и по неколку денови. Што се однесува до инспирацијата, ја пронаоѓам насекаде – во луѓето, природата, уметноста и во секојдневниот живот. Но, најважно ми е секој дизајн да носи емоција и приказна, а не само техничка прецизност, објаснува Сламкова.

Во текот на целиот пат, најголемата поддршка ѝ е семејството, но и најискрениот критичар.
– За секој важен чекор прво се консултирам со членовите на моето семејство. Тие никогаш не ми го кажуваат само тоа што сакам да го слушнам туку искрено ми ги посочуваат и работите што можам да ги подобрам. Токму затоа, нивното мислење ми е најважно. Тие најдобро знаат колку сум посветена, амбициозна и колку љубов вложувам во секое мое дело, вели Дијана.
Иако зад себе веќе има значајни меѓународни успеси, таа верува дека најголемата победа допрва доаѓа.
– Секогаш имам нови соништа, затоа што верувам дека човек никогаш не треба да престане да сонува. Убедена сум дека со многу љубов, работа и упорност, секој сон е достижен. Еден од моите најголеми професионални соништа е еден ден да освојам прво место и да слушнам како Македонија се споменува меѓу најдобрите во светот на неил арт. Тоа не би било само мој личен успех туку признание дека и од една мала земја може да произлезе врвен светски квалитет. Сè додека имам желба да учам, да создавам и да се надградувам, знам дека секој нов сон може да стане реалност, порачува Дијана Сламкова.

Нејзината приказна е потсетник дека вистинските успеси не се случуваат преку ноќ. Тие се создаваат со години учење, безброј часови работа и храброст да се сонува со ширум отворени очи. А токму така, чекор по чекор, едно девојче кое некогаш ја држело првата четкичка в раце, денес го испишува името на Македонија на светската мапа на уметноста на ноктите.
– Секојпат кога излегувам на светска сцена, пред сè, сакам да си докажам самата на себе дека секогаш можам повеќе. Верувам дека успехот нема граници и дека секој нов натпревар е можност да бидам подобра од претходниот пат. Не се натпреварувам само со другите, туку најмногу со самата себе. Голема чест ми е што го носам името на Македонија на тие натпревари и се трудам со својата работа да покажам дека и нашата земја има таленти кои заслужуваат место меѓу светската елита, вели Сламкова во разговорот за весникот ВЕЧЕР. (Д. Т.)












