Најуспешните и најинспиративните личности од македонската естрада продефилираа на црвениот тепих на „Лазаров авардс“, кој годинава се одржа по втор пат. Во четиричасовната програма, беа доделени признанија на поединци и на проекти кои во изминатиот период оставија значаен белег во спортот, музиката, културата, дигиталниот простор и во јавниот живот. Еден од највпечатливите моменти беше посветен на хуманитарната иницијатива „Нешто добро од срце“, успешна приказна за целосната обнова на домот на семејството Велковски од Куманово, која Стефан Лазаров, Димитар Атанасовски и Васил Мандаровски-Мандар ја реализираа со поддршка од бројни компании, партнери и хумани поединци. Видеоприказната за нивниот нов почеток предизвика силни емоции и беше потврда дека кога добрината ги обединува луѓето околу заедничка цел, резултатите можат вистински да променат нечии животи.

Во атмосфера исполнета со музика и силни аплаузи, беа доделени и награди за најдобрите достигнувања во изминатата година. Титулата „Херои на годината“ замина во СОС Детско село, признанието „Талент без граници“ ѝ припадна на Тамара Тодевска, додека во категоријата „Нова сензација“ беа прогласени Тина Русева и Никола Станишиќ. Дарио Ивановски е „Спортист на годината“, а признанието „Спортски подвиг на годината“ му беше доделено на Марко Пејчиновски.

Германецот Фин (Finn Macedonia) беше прогласен за „Травел-инфлуенсер на годината“, додека признанието „Талент на декада“ ѝ припадна на Антониа Гиговска, а наградата за „Најгледан јутјуб-проект“ му беше доделена на „Виц Битка“ на Стефан Николовски.

Признанието „Стендап на годината“ замина кај „На линија“ на Валентин Костадиновски-Тино и Атанас Атанасовски, додека „Концерт на годината“ го понесе Влатко Лозаноски со „Километри љубов“.

Во музичките категории, наградата за „Албум на годината“ ја доби Слаткаристика за „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, а титулата „Артисти на годината“ им припадна на 2Бона. За „Фолк-пејач на годината“ беше прогласен Влатко Миладиноски, додека Јанг Дади со „Лидија“ ја освои наградата за „Хит на годината на млад артист“.

Дупер освои две признанија – „Бенд на годината“ и „Хит на годината“ за песната „Може, може, може“. Во театарската категорија беше наградена претставата „Аматери“ на Театар Комедија, а за „Инфлуенсер на годината“ беше прогласена Миа Костова.

Во текот на вечерта, публиката имаше можност да ужива во настапите на Игор Џамбазов, Тамара Тодевска, Антониа Гиговска, Влатко Лозаноски, Слаткаристика, Јанг Дади, 2Бона, Дупер, Никола Станишиќ, Тина Русева, Влатко Миладиноски, Јован Јованов и Елвир Мекиќ, како и на многу други изведувачи кои придонесоа за атмосфера исполнета со музика и позитивна енергија. Особено впечатлив беше настапот на Благица Павловска и Антониа Гиговска со безвременскиот хит „Чукај, чукај срце“, кој во препознатливиот стил на Благица ја крена атмосферата и ја разигра публиката. Настапот на Влатко Миладиноски доби посебна нота со гитарската придружба на таткото на Стефан Лазаров, создавајќи еден од најтоплите моменти на вечерта, додека Јанг Дади со „Лидија“ уште еднаш покажа зошто неговиот хит е меѓу најслушаните во изминатиот период.

Настанот заврши со финално „гивавеј“ извлекување, кога беше доделен и главниот подарок – автомобил, со што беше заокружена вечерта исполнета со возбуда, радост и позитивна енергија.

Пред почетокот на гала-програмата, гостите имаа можност да ги споделат своите впечатоци и очекувања, додека бројните гледачи преку дигиталните платформи ја следеа возбудата што ја најави големата вечер. „Лазаров авордс“ уште еднаш потврди дека зад секој успех стојат труд, посветеност и приказни што заслужуваат да бидат слушнати. Покрај признанијата за најдобрите, настанот испрати и силна порака дека талентот треба да се препознае, успехот да се поддржи, а добрината да се споделува – затоа што токму таквите приказни оставаат најголема трага.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ