Саудискиот престолонаследник и де факто лидер Мохамед бин Салман го повика претседателот Трамп да продолжи со војната против Иран, опишувајќи ја американско-израелската воена кампања како „историска можност“ за преобликување на Блискиот Исток, според извори брифирани од американски претставници, објавува „Њујорк тајмс“.
Во серија разговори во текот на изминатата недела, принцот Мохамед му рекол на Трамп дека мора да инсистира на уништување на тврдокорната влада на Иран, пишува „Њујорк тајмс“.
Принцот Мохамед, според изворите, тврдел дека Иран претставува долгорочна закана за Заливот што може да се елиминира само со отстранување на владата таму.
Иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го гледа Иран како долгорочна закана, аналитичарите посочуваат на клучна разлика во целите. За израелските претставници, пропадната иранска држава, преокупирана со внатрешни немири и неспособна да му се закани на Израел, би претставувала победа.
Од друга страна, Саудиска Арабија го гледа таквото сценарио во Иран како сериозна и директна закана за безбедноста.
Сепак, високи претставници на саудиската и американската администрација стравуваат дека конфликтот би можел да излезе од контрола. Според нивните проценки, ако војната продолжи, Иран би можел да започне уште поразорни напади врз саудиските нафтени постројки, додека САД би можеле да бидат заглавени во бескрајна војна.
Во своите јавни настапи, Трамп испраќаше сосема спротивни пораки, наизменично сугерирајќи дека војната би можела да заврши наскоро и дека ќе ескалира.
Во понеделникот, претседателот објави на социјалните медиуми дека неговата администрација и Иран воделе „продуктивни дискусии за целосно и конечно решавање на нашите непријателства“. Сепак, Иран негираше дека се во тек какви било преговори.












