Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, на 1 ноември руската армија претрпела најголеми дневни загуби од почетокот на инвазијата врз Украина. Украинската војска исто така наведе дека октомври бил најсмртоносниот месец за руските сили од почетокот на војната.
Според украинските податоци, 2.500 руски војници биле исфрлени од стројот во текот на еден ден – што претставува највисока дневна бројка од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Ова значи дека руските сили губеле, во просек, повеќе од 100 припадници секој час, односно приближно по еден војник на секои 35 секунди.
Претходниот рекорд, според украинската војска, бил поставен на 21 октомври оваа година, кога руските загуби достигнале 2.250 војници. Пред тоа, највисоката дневна бројка била забележана на 19 декември 2024 година, кога – според истиот извор – Русија изгубила 2.200 припадници на своите вооружени сили.
Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, во текот на октомври Русија изгубила вкупно 54.400 војници – вклучувајќи ги и загинатите и ранетите. Киев тврди дека ова претставува најголема месечна загуба за руската армија од почетокот на инвазијата. Украинските медиуми ја споредуваат големината на овие загуби со вкупното население на рускиот град Воркута, кој има приближно 55.000 жители.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, укажа на рекордните руски загуби во текот на октомври. Украинската војска наведува дека нејзините сили продолжуваат да им нанесуваат тешки загуби на руските единици.












