Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, денеска ги предадоа 33-те нови полициски мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“, проследени со комплетна заштитна опрема за службениците.
Целата набавка, обезбедена од страна на РСБСП, е во вредност од 16.845.561 денари (околу 274.000 евра). Покрај возилата, пакетот вклучува и заштитни кациги, јакни, панталони, чизми, како и летни и зимски ракавици, со што значително ќе се подобрат условите за работа на полициските службеници и ќе се зголеми нивната мобилност на терен.

Министерот Тошковски истакна дека оваа инвестиција е конкретен пример за успешна меѓуинституционална соработка со цел намалување на сообраќајните несреќи. Тој додаде дека модернизацијата е комплементарна со проектот „Безбеден град“, кој веќе дава видливи резултати.

„Зад секоја статистика стои човечки живот, нечие семејство или дете. Ако со сите овие мерки, новата опрема и проектот ‘Безбеден град’ успееме да спасиме макар и еден човечки живот, тогаш секој вложен денар вредел“, порача Тошковски.
Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, потврди дека Советот и понатаму ќе продолжи да одвојува средства за опремување на единиците за контрола на сообраќајот, со заедничка крајна цел – помалку сообраќајни несреќи и повеќе спасени животи на патиштата.












