Викендот и првата половина од следната седмица носат изразена промена на времето. Под влијание на силна циклонска активност, нè очекува променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат пообилни.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повеќе локации се очекува да наврнат над 20 литри дожд на квадратен метар, со посебен интензитет во недела. Локално, процесите ќе бидат застапени во форма на невреме со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи.
Веќе од понеделник ќе почне да дува умерен до засилен северен ветер кој ќе донесе значителен пад на температурите, па под влијание на овој студен бран, во вторник врнежите на повисоките планини ќе преминат во снег.
Во Скопската котлина од утре до средината на следната недела исто така ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во одделни делови од котлината врнежите ќе бидат пообилни и проследени со ретки грмежи, а од понеделник се очекува забележително заладување и засилен северен ветер.












