Пилот-проект за тестирање на неговата техничка функционалност, оперативните процеси и корисничкото искуство треба да започне во втората половина на 2027 година, изјави денеска Пјеро Чиполоне, член на Извршниот одбор на ЕЦБ.
Обраќајќи се пред Комисијата за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент, Чиполоне истакна дека брзото завршување на преговорите меѓу Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија би овозможило усвојување на законодавниот пакет за единствената валута до крајот на оваа година, соопштија од ЕЦБ.
Според него, усвојувањето на правна рамка е од суштинско значење за ЕЦБ да може да ги финализира подготовките за дигиталното евро и да обезбеди пазарна сигурност во однос на можниот датум на лансирање.
Чиполоне предупреди дека секое одложување во усвојувањето на овие прописи може да го одложи воведувањето на дигиталното евро и дополнително да ја зацврсти зависноста на Европа од странски даватели на платежни услуги.
Пилот-проектот ќе користи тест-верзија на дигиталното евро – која нема да има статус на законско средство за плаќање – а во него ќе учествуваат вработени во Евросистемот, избрани даватели на платежни услуги и трговци. Ова ќе овозможи тестирање на секојдневните трансакции, вклучително и купувањата во продавници и кантини лоцирани во ЕЦБ и во разни национални централни банки. ЕЦБ веќе избра 36 даватели на платежни услуги – вклучувајќи банки и небанкарски компании – од над 50 кандидати кои се пријавија за учество во пилот-проектот.
Изборот на трговци за онлајн и мобилно плаќање, кои ќе вршат тестирање на плаќањата на далечина, ќе биде објавен на почетокот на следната година.
Чиполоне изјави дека ЕЦБ планира сите релевантни функционалности на дигиталното евро да бидат технички достапни уште од моментот на неговото првично издавање, но напомена дека постепеното воведување во физичките продавници ќе им овозможи на учесниците на пазарот доволно време за прилагодување.












