Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, син на неодамна убиениот ајатолах Али Хамнеи, поседува два луксузни стана во лондонскиот Кенсингтон, на само 50 метри од израелската амбасада, објави вчера британскиот весник „Телеграф“.
Според извештајот на британскиот весник, становите се купени преку посредник во 2014 и 2016 година за повеќе од 48 милиони долари, а нивната моментална вредност се проценува на околу 67,4 милиони долари. Посредникот е идентификуван како Али Ансари, ирански банкар и бизнисмен кој е санкциониран од Велика Британија и САД за финансирање на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Становите се наоѓаат на шестиот и седмиот кат од зграда со поглед на израелската амбасада во градините Кенсингтон Палас, што безбедносните експерти го сметаат за сериозен безбедносен ризик и можна платформа за надзор.
Иранските државни медиуми објавија во неделата дека Моџтаба Хамнеи е избран за врховен лидер, откако неговиот татко Али Хамнеи беше убиен во израелско-американски воздушен напад врз Техеран на 28 февруари, со што започна војната на Иран со САД и Израел.
Според претходна истрага на „Блумберг“, Моџтаба Хамнеи поседува луксузни имоти во Велика Британија во вредност од 138 милиони долари, вклучувајќи куќа на „Булеварот на милијардерите“, вила во Дубаи и хотели во неколку европски земји – повеќето од нив регистрирани преку посредникот Ансари, финансирани од приходите од иранската нафта.












