сабота, јуни 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нови мерки за стабилизирање на цените, се ограничуваат маржите на вештачките ѓубрива...

Нови мерки за стабилизирање на цените, се ограничуваат маржите на вештачките ѓубрива на 10 и 5 отсто

358

Владата донесе одлука за ограничување на трговските маржи на вештачките ѓубрива, со цел да се обезбеди нивна поголема достапност, да се спречи растот на цените и да се заштитат земјоделците од зголемените трошоци во производството. Мерките имаат за цел и да го спречат натамошното поскапување на земјоделските производи.

Како што појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, станува збор за две одлуки кои стапуваат во сила веднаш и ќе важат до 31 мај годинава.

– Првата одлука се однесува на сите правни и физички лица регистрирани за трговија на големо и мало кои произведуваат и продаваат органски, неоргански, органоминерални ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата. Највисоката бруто профитна маржа кај неорганските ѓубрива се ограничува на 5 отсто во трговија на големо и мало. Највисоката бруто профитна маржа кај органски, органоминерални ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата се ограничува на 10 отсто во трговија на големо и мало, изјави Трипуновски.

Дополнително, како што рече министерот, се донесува и одлука за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива.

– Трговците на мало имаат обврска месечно да продаваат најмалку 70 отсто од просечната количина која ја набавиле во 2026 година. Исто така, трговците на големо ќе треба да ги обезбедат трговците на мало со најмалку 70 отсто од просечно продадените количини на вештачки ѓубрива. Целта е да се обезбеди редовна достапност и да се заштити пазарот од дополнителни нарушувања, рече Трипуновски.

Тој додаде дека со втората одлука се коригира и продажната цена, односно ќе има намалување од 10 отсто на цените на залихите кои продавачите ги имаат набавено по постари цени.

– Овие одлуки се донесени во консултации со регистрираните увозници на вештачки ѓубрива и врз основа на анализа на Државниот пазарен инспекторат, кој констатира дека има раст на цените на ѓубривата. Поскапите ѓубрива значат поскапо земјоделско производство, затоа сакаме да им помогнеме на земјоделците и да ги заштитиме од понатамошен раст на цените, појасни министерот.

Тој нагласи дека маржата кај специјалните ѓубрива, органски и органоминерални ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, досега се движела од 40 до 60 отсто, а со новата одлука се ограничува на 10 отсто.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ