Државата ги става во прв план рударските потенцијали на Иловица и Плавица, кои, според процените, би можеле да донесат стотици милиони инвестиции. Ова е потенцирано во новиот Акциски план за минерални суровини 2026–2030, подготвен врз основа на експертски анализи на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде што се предвидува искористување на минералните ресурси и модернизација на рударскиот сектор.

Како што е наведено во документот, во наредните две години МАНУ, во соработка со Геолошкиот завод, ќе работи на изработка на национален каталог на минерални суровини, кој треба да обезбеди прецизни податоци за ресурсите со кои располага земјата. Во стратегиските анализи се посочува дека евентуалното активирање на рудниците „Иловица“ и „Плавица“ би можело да донесе инвестиции од околу 770 милиони евра. Дел од средствата, според плановите, би биле насочени кон еколошки проекти, рекултивација на деградирани подрачја, како и мониторинг и заштита на биодиверзитетот.

– Станува збор за капитални вложувања што може значително да го придвижат домашниот рударски сектор и да отворат простор за нови економски активности, но паралелно мора да се гарантираат највисоки еколошки стандарди – наведуваат експертите вклучени во подготовката на стратегијата.

Документот предвидува државата во следната деценија да обезбеди околу седум милиони евра за спроведување на стратешките мерки, додека приватниот сектор најавува значително поголемо вложување. Според анкетите спроведени меѓу дваесетина компании од рударската индустрија, во периодот од пет до десет години се очекуваат инвестиции од околу половина милијарда евра.

ИЗДВОЕНИ