недела, ноември 22, 2026
Дома СВЕТ Британските десничарски партии се оградија од Трамп поради фотографија со Путин насловена...

Британските десничарски партии се оградија од Трамп поради фотографија со Путин насловена „Мојот пријател“/ФОТО

0
Фото: EPA/GAVRIIL GRIGOROV/SPUTNIK/KREMLIN POOL / POOL MANDATORY CREDIT

Британските партии „Реформ УК“ (Reform UK) и Конзервативната партија се оградија од американскиот претседател Доналд Трамп, откако тој на својата платформа за социјални медиуми, „Трут соушал“ (Truth Social), објави фотографија на која се гледа како се ракува со рускиот претседател Владимир Путин, со натпис: „Мојот пријател“.

Објавата наиде на осуда во Обединетото Кралство, при што заменик-лидерот на „Реформ УК“, Ричард Тајс, го окарактеризира потегот на Трамп како сериозна грешка, пренесува „Гардијан“.

„Путин не ни е пријател. Тој е, како што веќе рекоа и други, диктатор одговорен за убиства – во тоа нема никаков сомнеж“, изјави Тајс за „Скај њуз“.

На прашањето дали лидерот на партијата, Најџел Фараж, ќе разговара со Трамп за оваа објава, Тајс истакна дека постојат бројни прашања за кои нивните ставови не се совпаѓаат, и дека тие несогласувања во последно време стануваат сè поизразени. Конзервативната партија, предводена од Кеми Баденох, исто така изрази разочарување во врска со објавата на Трамп.

Нејзиниот заменик, Алекс Бургарт, изјави дека е загрижен поради можноста Соединетите Држави можеби повеќе нема да останат доследен бранител на слободата. Тој нагласи дека Конзервативната партија останува на страната на слободата и го поддржува зголемувањето на трошоците за одбрана, во согласност со целите на НАТО.

Министерот во британското Министерство за надворешни работи, Хемиш Фалконер, го нарече Путин „касап“, истакнувајќи дека британскиот премиер редовно разговара со Трамп и јасно му го пренесува ставот на Лондон во врска со рускиот напад врз Украина.

Партијата „Реформа“ и Конзервативната партија претходно го поздравија реизборот на Трамп во 2024 година, но во последно време сè повеќе се дистанцираат од американскиот претседател поради неговите политички потези и проценки, пренесува весникот, објави „Танјуг“.

 

ИЗДВОЕНИ