– Изложените дела опфаќаат различни медиуми и пристапи, од цртеж, сликарство, скулптура, фотографија, инсталација, моден дизајн, дизајн на ентериер и мултимедијални практики. Секое дело функционира како автономен израз и исказ за себе, но истовремено – како дел од поширок колективен наратив за времето во кое живееме, создавањето денес и улогата на уметноста во образовниот процес – истакна проф. м-р Страхил Петровски, во чија организација и концепција се одржува изложбата „Професор и студенти“ во Младинскиот културен центар

Уметност што плени, провоцира, укажува и поставува прашања… Вака накратко може да се опишат делата со силен уметнички печат на професорите и на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, кои заедно со своите колеги од Интернационалниот балкански универзитет, Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, Американскиот универзитет на Европа – ФОН и Ликовната академија Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип се учесници на четвртото издание на изложбата „Професори и студенти“, кое се отвори вчеравечер, во Младинскиот културен центар во Скопје.

– Оваа заедничка изложба е простор на дијалог меѓу генерации, искуства и различни визуелни медиуми. Таа не претставува само презентација на дела туку и жива манифестација на уметничкото менторство и соработка каде што се воспоставува уметнички и концептуален речник понуден од страна на професорите и на студентите – посочи на отворањето визуелниот и мултимедијален уметник, проф. м-р Страхил Петровски, во чија организација и концепција се одржува оваа изложба.

Пред голем број посетители, љубители на уметноста, кај кои настанот предизвика голем интерес, Петровски посочи дека професорите настапуваат како автори со потврдени проекти и препознатливи визуелни позиции, додека, од своја страна, студентите внесуваат свежина, ризик и нови перспективи кон преиспитувањето на современата реалност во која живееме. Во таа релација, вели, не постои хиерархија, туку отворен процес на заедничко влијание, преиспитување и креативна размена.

– Изложените дела опфаќаат различни медиуми и пристапи, од цртеж, сликарство, скулптура, фотографија, инсталација, моден дизајн, дизајн на ентериер и мултимедијални практики. Секое дело функционира како автономен израз и исказ за себе, но истовремено – како дел од поширок колективен наратив за времето во кое живееме, создавањето денес и улогата на уметноста во образовниот процес – истакна Петровски.

Академскиот сликар одговорен за ликовната дејност во МКЦ, Горјан Ѓорѓиев, иницијатор за оваа изложба, пак, посочи дека неговата идеја уште пред пет години била да се организира настан што ќе ги поврзе професорите и студентите со нивните остварувања, комуникација, достигнувања…

– Креацијата треба да биде интимна, лична, а учителот треба да му ја пренесе енергијата на својот ученик. Јас сум многу постар и мене ми предаваа не професори, не доктори, не магистри, туку учители, кои ја пренесуваа енергијата со целата своја жар, своите манири, можеби, и своите лудости, а ние ги впивавме и ни останаа. Мојата желба е овие сегашни професори, исто така, да ги пренесат својата енергија, својот дух врз студентите – кажа Ѓорѓиев.

Доктор Ана Франговска, историчар на уметност и куратор на изложбата, пак, посочи дека изложбата може да се разбере како мапирање на една сложена образовна екологија, во која различни генерации, медиуми и методологии истовремено коегзистираат, се судираат и се трансформираат.

– Односот помеѓу професорот и студентот не треба да се разбира како едноставен пренос на знаење, туку како динамична структура во која истовремено се пренесуваат методологии, критички позиции, сомнежи и можности за трансформација – истакна Франговска.

Од Европски универзитет – Скопје, на изложбата со свои дела се претставија проф. д-р Гордана Вренцоска со студентите Исабелле Спасевска и Андреј Ристевски, проф. м-р Александар Рашковиќ и студентката Марија Роглева, проф. д-р. Јана Манева-Чупоска и Благица Николова, доц. м-р Марија Рашковиќ и Анастасија Ефтова, проф. м-р Благојче Наумоски со студентите Матеја Јанковиќ и Ивана Славковска, како и проф. м-р Страхил М. Петровски со Емилија Спасовска.

Дизајнот на изложбата, која ќе биде отворена до први јуни годинава, е на Петар Новковски. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ