Од Регулаторна најавуваат дека конечната одлука за цената на  струјата ќе биде донесена до крајот на годината, а поскапувањето би изнесувало од 2 до 3 проценти. Опозицијата предупредува дека повисоките сметки ќе предизвикаат нови поскапувања и дополнително ќе го оптоварат семејниот буџет. Власта, пак, најавува повторно активирање на ТЕЦ „Неготино“, увоз на јаглен од Косово и зголемување на домашното производство на електрична енергија

 

Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари најверојатно ќе се зголеми за 2 до 3 проценти. Процената ја соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, кој посочи дека компаниите од енергетскиот сектор доставиле финансиски и технички барања за зголемување на цените, образложувајќи ги со растот на цените на енергентите во светот што им ги зголемува трошоците за работење.

Ристов објаснува дека доставените барања не значат дека автоматски ќе бидат прифатени, бидејќи РКЕ треба да направи компромис меѓу потребите на компаниите и можностите на потрошувачите. Рече дека во тек е анализа на барањата на енергетските компании и дека конечните одлуки за новите цени ќе бидат донесени до крајот на годината.

– Нормално, сите бараат зголемување заради она што ни се случува во енергетскиот сектор во светот и кај нас. На крајот, ќе видиме што ќе биде одлуката на Регулаторна, бидејќи ние сепак сме тука на бедемот да направиме компромис меѓу барањата и она што значи интерес на граѓаните – изјави Ристов.

Една од главните компоненти што влијаат врз крајната цена на електричната енергија е преносот преку електропреносниот систем на МЕПСО. Компанијата побарала зголемување на својот дел од тарифата за дури 97 проценти, но Ристов категорично најави дека ова барање нема да биде прифатено. Според него, нема економска оправданост за поскапување на услугата за пренос на електрична енергија, поради што овој сегмент нема да предизвика дополнителен товар за домаќинствата.

Регулаторната комисија истовремено подготвува измени во начинот на пресметување на мрежарината. Целта е надоместокот повеќе да зависи од реалната потрошувачка, наместо сите домаќинства да плаќаат ист фиксен износ за пристап до електричната мрежа. Според Ристов, новиот модел би донел намалување на трошоците за домаќинствата со помала потрошувачка, особено за граѓаните кои се наоѓаат во категоријата на енергетска сиромаштија. Од друга страна, оние што годишно трошат 3.000, 4.000 или 5.000 киловат-часови би плаќале повисок износ.

– Овие денови правиме модели во кои ќе биде преработена оваа мрежарина, односно ќе понудиме друг модел каде што ќе има еден фиксен дел кој ќе биде можеби 100 отсто понизок од досегашниот, а останатиот дел од мрежарината ќе биде поврзан со потрошувачката. Значи не е правично сите да плаќаме исто, а да не трошиме исто од мрежа – посочи Ристов.

Најавеното зголемување предизвика реакција од опозицијата, од каде што предупредуваат дека и минималното поскапување ќе предизвика нов бран поскапувања на производите и услугите. Според лидерот на СДСМ, Венко

Филипче, домаќинствата веќе се соочуваат со високи трошоци, а зголемувањето на сметките за електрична енергија дополнително ќе го оптовари семејниот буџет.

– Ова зголемување на струјата за дополнителни 2-3 проценти ќе повлече повторно поскапување на буквално сите производи кај нас. Според последните извештаи, вредноста на синдикалната кошничка е повторно зголемена. Сега е 71.000 денари – изјави Филипче.

Тој посочи дека, доколку се вклучат и трошоците за кирија или отплата на станбени кредити, потребните средства за едно домаќинство достигнуваат околу 90.000 денари. Само за храна и пијалаци, според податоците што ги презентираше, месечно се потребни околу 26.000 денари.

– Значи, една цела минимална плата оди за храна и пијалаци. Каде се парите потребни за сметки, за струја, за вода, ѓубрарина, трошоците за децата, школски прибор, обувки и така натаму. За ова никој не зборува – рече Филипче.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави мерки за зголемување на домашното производство на електрична енергија и активирање на постојните енергетски капацитети. Владата и АД ЕСМ подготвуваат финансиски модел за повторно вклучување на ТЕЦ „Неготино“, како и координирање на производството од РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“ и хидроцентралите. Според пресметките на премиерот, производствената цена на електричната енергија од ТЕЦ „Неготино“ би се движела од 170 до 175 евра за мегават-час, што, како што тврди, е економски оправдано во услови кога берзанските цени во одредени денови достигнуваат од 400 до 500 евра за мегават-час.

– Со сегашната цена на мазутот на берзите, производствената цена во ТЕЦ „Неготино“ би се движела од 170 до 175 евра за мегават-час. Во одредени денови, цените на берзите достигнуваат и од 400 до 500 евра за мегават-час – изјави Мицкоски.

Премиерот најави и дека во наредните три години од Косово треба да бидат ископани и транспортирани вкупно три милиони тони јаглен за потребите на домашните термоцентрали. Според него, цената на овој јаглен ќе биде значително пониска од цената на суровината што моментално се набавува од други соседни земји. Дополнително, ЕСМ подготвува набавка на 45.000 тони мазут за производство на електрична енергија.

Парното ќе поскапи до 8 %, нафтата поевтинува 

Компаниите што произведуваат и испорачуваат топлинска енергија побарале зголемување на цената на парното греење од 45 до 50 проценти, но од Регулаторната комисија за енергетика сметаат дека ваквото барање е  превисоко и неприфатливо. Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, очекува евентуалното поскапување да биде значително помало и да се движи од 6 до 8 проценти, и покрај зголемените трошоци за производство предизвикани од повисоката цена на природниот гас.

– Барањата се такви какви што се, меѓутоа тоа не значи дека ќе биде прифатено сè што ќе побараат компаниите. Наша задача е да направиме компромис и да утврдиме цена што ќе ги одразува реалните трошоци, но нема да биде дополнителен товар за граѓаните – е ставот на Ристов.

Покрај состојбите со топлинската енергија, претседателот на РКЕ се осврна и на движењето на цените на нафтените деривати, кои во последниот месец бележат намалување. Според него, ваквиот тренд е позитивен, бидејќи овозможува постепено враќање на мерките што државата ги презеде за ублажување на ценовните удари врз граѓаните.

– Тоа е добро затоа што сите оние мерки полека-полека ги ослободуваме – данокот, полнење на буџетот со акцизата. Како што се намалува цената, тие мерки се враќаат назад – изјави Ристов.

Како едно од стратешките решенија, Ристов ја посочи електромобилноста, односно пошироката употреба на електрични возила, со што би се намалила изложеноста на економијата на постојаните промени на цените на нафтата на светските пазари.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ