Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се одржа ресорски состанок на кој беа разгледани тековните активности во енергетскиот сектор и динамиката на реализација на стратешките проекти. На состанокот присуствуваа претставници од релевантните институции од областа на енергетиката, при што се разговараше за повеќе теми поврзани со навременото спроведување на проектите и мерките за справување со предизвиците во секторот.
Претставниците на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС и на МЕМО ги презентираа актуелните проекти и активности, како и плановите за претстојниот период, со акцент на инфраструктурниот развој и регионалното енергетско поврзување.
Министерката Сања Божиновска нагласи дека приоритет на државата се одржувањето на стабилноста на енергетскиот систем, навремената реализација на проектните активности и исполнувањето на обврските во рамките на реформската агенда. Таа посочи дека напредокот во оваа област е препознаен и од Европската комисија, која ја оценува Македонија како најнапредна во однос на реформската агенда, поради што се ставени на располагање 65,7 милиони евра во рамките на Планот за раст за Западен Балкан, преку инструментот за реформи и раст.
Од ЕСМ информираа дека имаат активни проекти, кои се дел од листата со тековни јавни инвестиции, како и дополнителни проекти, кои се во фаза на иницирање и се очекува да бидат вклучени во идниот период. Беше презентиран и финансиски преглед за периодот Q1 2020–2026 година, кој ги опфаќа приходите, расходите и добивките/загубите, при што е потенциран позитивен финансиски резултат во првиот квартал.
МЕПСО информираше за позитивен финансиски резултат во првиот квартал од 2026 година, односно остварена добивка, како и за приходите и расходите во тој период. Беше истакнато дека од јануари 2026 година аукциите за прекугранични капацитети со Србија и со Бугарија ги спроведува JAO. Дополнително, беше разгледан напредокот на инфраструктурните проекти, меѓу кои Битола – Елбасан, ТС Охрид, East-West Corridor и други проекти што се дел од развојната листа на компанијата.
Од НОМАГАС беше истакнато дека се започнати и се реализираат повеќе значајни делници од националната гасоводна мрежа, меѓу кои Клечовце – Неготино, Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар, а во тек се активности за понатамошно проширување кон Кичево и други региони. Компанијата работи и на реализација на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе овозможи поврзување со европската гасна мрежа и пристап до нови извори на природен гас и LNG- терминали.
МЕМО информираше дека со потпишувањето на одлуката на Министерскиот совет за меѓусебно признавање на гаранциите за потекло ќе се овозможи поврзување со ЕУ-зоната. Беа разгледани и активностите за процесот на пазарно спојување, приоритетите на операторот и нивното целосно правно членство во AIB.












