Постапката за ангажирање странски работници во Македонија трае од три до пет месеци, а најголемите пречки се недостигот од инспектори, долгото чекање за визи и обемната документација. Работодавачите бараат поедноставување на процедурите, додека надлежните најавуваат забрзување и дигитализација на постапката

 

Постапката за ангажирање странски работници во Македонија трае од три до пет месеци. Недостигот од инспектори, долгото чекање визи, неусогласените закони и обемната документација им создаваат сериозни проблеми на компаниите, кои мора да ги планираат потребите од кадар со месеци однапред. Од друга страна, постапката за ангажирање странски работници станува сè подолга и посложена и поради зголемениот број барања. Според искуствата на агенциите за посредување при вработување странски државјани, процесот во минатото се завршувал за околу три до четири месеци, но денес трае од три до пет месеци во просек.

Ова е особено голем проблем за компаниите што ангажираат работници за сезонски активности или имаат однапред утврдени рокови за производство.

Еден од главните предизвици е недостигот од инспектори за странци во Министерството за внатрешни работи. Во одредени градови, поради зголемениот број барања, постапките се одолжуваат, па во нивната обработка мора да помагаат и службеници од други градови. Како пример се посочува Штип, каде што повеќе од 30 студенти од Турција ја регулираат документацијата за престој преку еден инспектор.

На административните пречки предупредува и претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, кој смета дека постапката треба да се поедностави и забрза.

– Во Македонија, барањата се поднесуваат и во Агенцијата за вработување и во Министерството за внатрешни работи, што ја усложнува постапката. Дополнителен проблем е недостигот од македонски дипломатско-конзуларни претставништва во земјите од кои доаѓаат работниците, како Непал, Бангладеш и Индија. Поради тоа, кандидатите често мора да патуваат во соседни држави каде што има македонски дипломатски претставништва, само за да ја започнат постапката за добивање виза, изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Од агенциите за посредување посочуваат дека времето на чекање е еден од најголемите проблеми во целиот процес.

– Работодавачите често очекуваат работникот да пристигне за неколку недели, но во реалноста, постапката може да трае и неколку месеци. Најголем проблем е што не можеме секогаш да предвидиме колку ќе трае секоја фаза, особено кога се чекаат термини за визи и се обработува документацијата. Тоа им создава неизвесност на компаниите, кои мора да ги планираат производството и работните обврски без да знаат точно кога ќе пристигне потребниот кадар, велат од една агенција за посредување при вработување странци.

Проблем претставува и неусогласеноста на законската регулатива. Постапката се уредува со два закони – Законот за странци, кој ги регулира влезот и престојот, и Законот за вработување и работа на странци, кој ги уредува условите за нивно работно ангажирање. Доколку измените на двата закони не се усогласени, во практиката се појавуваат недоречености и дополнителни административни пречки.

Дополнителен товар се и трошоците за ангажирање. Компаниите најчесто ги покриваат услугите за посредување и дел од административните трошоци, додека работниците, зависно од договорот, може да ги плаќаат визата, авионскиот билет, преводите и заверките на документите, како и признавањето на образовните исправи.

Предизвик е и времетраењето на дозволите за престој и работа, кои според искуствата од практиката, најчесто се издаваат за 12 месеци. По истекот, потребно е повторно поднесување барање, што носи нови трошоци и неизвесност за работодавачите.

Покрај административната, постапката има и безбедносна димензија бидејќи документацијата поминува низ повеќе проверки за потврдување на идентитетот на кандидатите и веродостојноста на документите. Овие проверки се неопходни, но треба да се спроведуваат поефикасно, без намалување на безбедносните стандарди.

Како главни решенија се посочуваат подобрата координација меѓу институциите, усогласувањето на законите и зајакнувањето на административните капацитети. Особено се нагласува потребата од дигитализација бидејќи дел од постапките сè уште се спроведуваат со хартиена документација и повеќекратно доставување исти документи.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, исто така најави активности за забрзување и дигитализација на административните постапки за ангажирање странска работна сила. Целта е да се поедностави процесот, да се намали обемот на документација и да се скрати времето потребно за добивање на потребните дозволи. Со тоа, според најавите, би се олеснила комуникацијата меѓу надлежните институции и работодавачите, а компаниите би можеле побрзо и поефикасно да го обезбедат потребниот кадар од странство.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ