Етиопската Влада и бунтовниците што го контролираат северниот регион Тиграј се обвинуваат меѓусебно за почнување нови конфликти, зголемувајќи го стравот од можна нова војна, објави Би-би-си во четвртокот.
Гетачев Реда, министер во кабинетот и советник на етиопскиот премиер, рече дека борците од Тиграј ја презеле контролата врз федерално администрираните аеродроми во Тиграј и почнале офанзиви во соседните региони Афар и Амхара. Според претседателот на бунтовничките сили во Тиграј, неговата група е во состојба на „тотална војна“ против етиопската Влада.
– Насекаде се водат борби – рече Амануел Асефа, потпретседател на Народноослободителниот фронт на Тиграј (TPLF), политичка група што де факто владее со северната територија, откако ја презеде контролата врз тамошните аеродроми во средата.
Обновените непријателства ги оживеаја стравувањата од нова војна со целосен обем. Двегодишната војна во Тиграј заврши во 2022 година, но во последните месеци двете страни се обвинуваат меѓусебно за кршење на мировниот договор. Претходната војна, која траеше две години, одзеде најмалку 600.000 животи.












