сабота, ноември 14, 2026
Дома СВЕТ Надминат хаосот на американското небо: Летовите продолжуваат по повеќечасовен прекин, очекувани доцнења...

Надминат хаосот на американското небо: Летовите продолжуваат по повеќечасовен прекин, очекувани доцнења и откажувања

0
Фото:пекселс

Федералната управа за авијација на САД (FAA) денеска соопшти дека авиокомпаниите можат да продолжат со летовите, откако претходно, поради дефект во системот за контрола на летање, беше воведен повеќечасовен прекин на полетувањата на национално ниво. Сепак, се очекува доцнењата и откажувањата во авиосообраќајот да продолжат.

Забраната за полетување, која погоди милиони Американци, беше укината во 20:15 часот по локално време, изјави американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи.

Сепак, Дафи им изјави на новинарите дека прекинот оставил последици и дека проблемите веројатно ќе продолжат уште неколку дена.

Од FAA наведоа дека темелно ги тестирале своите системи за да се осигурат дека се стабилни и дека операциите се безбедни, пред да дадат дозвола за продолжување на летовите.

Сепак, според Си-Ен-Ен (CNN), околу 2.000 полетувања планирани за денес се откажани.

Вчера, повеќе од 7.700 летови во рамките на САД беа откажани, додека над 8.000 летови доцнеа.

Претставници на администрацијата како причина за прекинот ја наведоа застарената технологија, предупредувајќи дека слични инциденти може повторно да се случат сè додека системот не се модернизира.

Домашните летови во САД повторно добија дозвола за полетување, по повеќечасовниот прекин што вчера го воведоа федералните власти од безбедносни причини – мерка предизвикана од дефект во телекомуникациските врски. На прес-конференција рано утринава, секретарот за транспорт Шон Дафи предупреди дека се можни дополнителни нарушувања доколку системот итно не се надгради.

Тој го повика Конгресот да ги одобри потребните средства за модернизација, додавајќи дека враќањето кон нормалното функционирање ќе оди бавно.

Дафи изјави дека ќе биде потребно време за да се смири хаосот во патувањата, бидејќи многу патници сè уште се заглавени на аеродромите.

Секретарот за внатрешна безбедност, Марквејн Малин, претходно појасни дека нарушувањата биле предизвикани од ажурирања на застарените системи спроведени од FAA – конкретно „прекин во телекомуникациите“ – и напомена дека нема докази за сајбер напад.

Тој нагласи дека прекинот на летовите не бил резултат на безбедносна закана за Соединетите Држави.

Некои патници останаа да седат во авионите на пистата со часови, бидејќи на аеродромите немало слободни излези (гејтови) за да можат патниците да се симнат. Ова е вторпат ваква забрана за полетување да биде воведена во САД; првиот случај се случи по терористичките напади од 11 септември 2001 година.

ИЗДВОЕНИ