Во услови на забрзани технолошки и пазарни трансформации, компаниите што сакаат да останат конкурентни мора постојано да се менуваат, да инвестираат во иновации и да градат култура што ги поттикнува новите идеи. Токму ова беше во фокусот на конференцијата „Што ги движи иновативните компании?“, организиран од компанијата „Реплек“, која собра голем број учесници од бизнисот, академскиот свет, институциите и медиумите, при што се дебатираше за корпоративното претприемништво и за трансформацијата на современите организации.
Преку презентации и панел-дискусии, беше нагласена потребата од агилност, дигитализација и од континуирано приспособување на новите пазарни услови.
– Ние, во „Реплек“, веруваме дека иновацијата не е само нов производ, нова технологија или нов процес. Иновацијата е начин на размислување, храброст да се преиспитуваат постојните модели и визија што гледа подалеку од денес. Токму затоа иновативниот пристап е во фокусот на нашето секојдневно работење – истакна Коста Котески, заменик- генерален директор и директор за маркетинг и продажба во „Реплек“ АД Скопје.

Тој додаде дека вистинскиот успех денес им припаѓа на компаниите што не се плашат од промени и храбро ги водат. Според него, „Реплек“ во последните години поминува низ значајна трансформација – од модернизација на процесите, инвестиции во технологијата и дигитализацијата до организациски промени насочени кон создавање култура што го поттикнува претприемачкиот дух.
– Ниту една стратегија, технологија или визија не може да успее без луѓето, кои се движечката сила на компанијата – порача Котески.
Од академската перспектива, универзитетскиот професор Мијалче Санта нагласи дека современите економии бараат нов пристап кон образованието, претприемаштвото и лидерството, а „Реплек“ е одличен пример на компанија што ја следи ваквата формула на успех.

– Во денешниот свет, компаниите функционираат во средина на постојани, динамични промени, кои бараат нов начин на размислување и нов модел на соработка помеѓу академската заедница и бизнис-секторот. Само преку вакви партнерства можеме да создадеме знаење, иновации и кадри што ќе бидат подготвени за актуелните предизвици, но и за оние што ги носи иднината – изјави Санта.
Во рамките на конференцијата беа презентирани и повеќе стручни анализи и студии на случај. Марија Талеска- Велковски, директорка на Секторот за стратешки развој во „Реплек“, ја претстави студијата „Од лабораторија до пазар“, во која беа прикажани процесот на развој на нови производи и инвестицискиот циклус на компанијата, со акцент на дигитализацијата и модернизацијата на производствените капацитети. Сергеј Зафироски од Инсајдер ИД зборуваше за психологијата на потрошувачите и за нивното влијание врз иновациските стратегии на компаниите, истакнувајќи дека разбирањето на пазарното однесување станува клучен фактор за деловен успех.
Во вториот дел од конференцијата, проф. д-р Стојан Дебарлиев се осврна на значењето на организациската култура.
– Лидерството, агилноста и отвореноста кон промени се предуслов за компаниите што сакаат да останат конкурентни во иднина – нагласи Дебарлиев.
Конференцијата беше оценета како уште еден чекор кон продлабочување на соработката меѓу компаниите и универзитетите, со цел создавање поиновативни и поотпорни економски системи подготвени за идните предизвици.
(С. Бл.)












