Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас во интервју за списанието „Венити фер“ зборуваше за менталните и за физичките предизвици со кои се соочува, нагласувајќи дека неговата цел е да избегне да стане роб на тенисот.

Поради повреда на зглобот, Алкарас беше принуден да го пропушти поголемиот дел од сезоната на неговата омилена подлога, вклучувајќи ги турнирите во Барселона, Мадрид и Рим. Тој исто така нема да игра на Ролан Гарос, каде што требаше да ја брани титулата.

Во моментов, закрепнувањето од повредата е приоритет на Алкарас, но сè уште не сака да зборува за прецизни рокови за враќање на теренот. Учеството на турнирите на трева ќе зависи од процената на медицинскиот тим, а ситуацијата се следи од ден на ден.

Главната цел на Шпанецот е да не го загрози продолжувањето на кариерата, иако веќе постигна големи успеси. Сепак, проблемите со заморот не се ништо ново за Алкарас. Уште во ноември 2024 година, за време на финалето на АТП, тој призна дека е „ментално уморен“ по долгата сезона. Неговите јавни настапи, како оној на мастерсот во Мајами претходно оваа година, кога им извика на своите тимови дека „не веќе не може да издржи“, дополнително ја загрижија јавноста.

  • Со текот на времето, разбирате што ви треба. Имаше моменти кога не застанував, не се исклучував, а заврши така што не играв добар тенис или се повредив, или… Да речеме само дека не заврши добро, изјави Шпанецот за „Венити фер“.

Алкарас нагласи дека не сака тенисот да стане негова единствена преокупација и дека се стреми кон исполнет живот надвор од теренот, верувајќи дека тоа му помага да постигне подобри резултати.

  • Знам дека има многу пред мене и се обидувам да не размислувам за фактот дека ми остануваат 12 или 15 години во кариерата бидејќи тоа ме оптоварува, објасни Шпанецот.

Тој е свесен дека секој негов потег е под јавен надзор, што создава дополнителен притисок.

  • Мислам дека денес човек мора да биде многу повнимателен во врска со тоа што зборува и што прави, бидејќи, на крајот на краиштата, ние сме само луѓе, знаете?, заклучи Алкарас.

 

ИЗДВОЕНИ