По години запоставеност и нерешени проблеми, конечно, започнуваме со конкретни чекори што носат вистинска промена за жителите на улицата „Лисец“ во Горно Лисиче, истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски кој денеска, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и со директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Иван Митровски, го означи почетокот на градежните активности за изградба на нова водоводна мрежа на улицата „Лисец“.
Проектот опфаќа изградба на целосно нова водоводна мрежа, поставување тампонски слој и нов асфалт, со што трајно ќе се решат водоснабдувањето и инфраструктурата за стотици жители.
– Она што било проблем со години, денес го претвораме во решение. Улицата „Лисец“ е важна сообраќајна артерија во овој дел од градот и со нејзината реконструкција значително се подобрува квалитетот на животот, но и безбедноста на пешаците и на сите учесници во сообраќајот што секојдневно ја користат. Во Аеродром, како и во сите општини на Град Скопје, вложуваме посветено и одговорно, затоа што граѓаните го заслужуваат најдоброто. Улицата „Фрањо Клуз“ веќе е целосно реконструирана, а наскоро започнува изградбата на двата кружни тека кај „Тобако 2“, како и реализацијата на низа капитални инфраструктурни проекти, кои суштински ќе го трансформираат нашиот град – истакна Ѓорѓиевски.












